Договорот за надминување на политичката криза од 2 јуни/15 јули, во правна смисла, подразбира облигационен однос. Според тој договор, се подразбира дека учесниците се рамноправни, совесни и чесни, велат од ЦИВИЛ..
Со оглед на досегашните проблеми и опструкции со кои се соочува имплементацијата на договорот за надминување на политичката криза, преговорите стануваат бесмислени и бесцелни. Опструкциите на преговорите се повеќе од очигледни, што се гледа во проблемите околу изборот на тимот на Специјалната јавна обвинителка, промените во Изборниот законик, реформите во ДИК, медиумите и низа други горливи теми. Договорот се крши секојдневно и со агресивната кампања со злоупотреба на моќта и коруптивните дејства на власта.
Преговорите не личеа на ништо и досега. Не помогнаа ни меѓународните дипломати и посредници кои деноноќно бдеат над судбината на процесот, ни експертизите и барањата на граѓанското општество. Преговорите, едноставно, пропаднаа поради лошата поставеност и уште полошиот однос на владејачките партии. ЦИВИЛ – Центар за слобода уште на почетокот предупреди дека претставниците на власта за кои постојат индиции за злоупотреби и криминал што произлегуваа од прислушуваните разговори, не треба да бидат дел од преговорите.
Затоа, единствено логично е преговорите да се прекинат и да се побара оставка од целата Влада, бидејќи преговорите, како што се водеа до сега, прераснаа во начин да се продолжи животот на една инкриминирана група која ја киднапира државата и организира нелегитимни избори.
Со пропаѓање на преговорите, единствено што преостанува е оставка на Владата. Денеска!