„Република Македонија е земја на политички затвореници, земја во која владее широко распространет страв поради континуираното структурно насилство, дискриминацијата и кршењето на човековите права и слободи, гушењето на слободата на изразувањето и заробените медиуми и институции. Правото на глас е грубо изманипулирано во серија од осум изборни процеси за девет години, избори кои не беа слободни, фер и демократски.
Со таква дијагноза, Република Македонија го дочекува 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права.
Дискриминација по политичка припадност, етничка и верска припадност, род, социјален статус и сексуална ориентација се секојдневна рутина и се длабоко вкоренети во институциите на државата и локалните власти, во нивните политики и практики.
Слободата на говорот и медиумите се блиску до непостоечки, имајќи ги предвид различните форми на политички притисоци, корупција, цензура или автоцензура со години наназад.
Извештаите за кршење на човековите права се натрупуваат. Граѓанките и граѓаните на Република Македонија се соочуваат со дискриминација и кршење на основните права и слободи практично насекаде – на работа или од политиките на вработување, судството и полицијата, образованието, здравството и дистрибуцијата на социјалната помош.
Припадноста кон политичка партија го определува поголемиот дел од животот на луѓето, а етничкото или верското потекло само се надоврзуваат кон оваа ситуација.
Јазот меѓу сиромашните и богатите се проширува, а механизмите да се сопре сиромаштијата се заменети со механизми кои овозможуваат богатите да станат уште побогати.
Стравот е широко распространет. Луѓето не се осмелуваат да проговорат, се плашат од губење на работното место или дека нема да добијат работа, под закана се дека ќе ги загубат правата на социјални или јавни услуги, а се заплашувани и на многу други начини, суптилни или груби, отворени и директни или прикриени и подмолни. Во меѓувреме, владата градеше споменици на поделбите и вртоглаво ја задолжува земјата.
Точно пред една година, ЦИВИЛ – Центар за слобода овој ден го одбележа со поддршка на студентските протести против катастрофалните реформи во образованието и лошите политики на владата. Потоа следеа „бомбите“ на опозицијата кои беа горчлива потврда за сите наоди, па и повеќе, тие беа мрачно сведоштво за злоупотреби и налудничаво практикување на моќта. Следеа уште протести, безбедносна криза, преговори…
Тоа беше пролетта на демократските промени во Република Македонија, почетокот на еден тежок процес во кој сите се засегнати, без исклучок.
Од претходниот 10-ти декември до денеска, во Македонија се роди надежта за подобри времиња, кога граѓанките и граѓаните ќе ја добијат назад својата сувереност, своите права и слободи, загарантирани со Уставот, законите и Универзалната декларација на човековите права.
Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права во Париз, на 10 декември 1948 година. Декларацијата произлезе од мрачното искуство во Втората светска војна и потребата за заштита на основните права на човекот. Првиот член на Декларацијата „сите луѓе се раѓаат слободни и рамноправни во достоинството и правата“ ги гарантира правата и слободите на секој човек на оваа планета. Со самото раѓање, секој се стекнува со сите права опишани во Декларацијата.
ЦИВИЛ – Центар за слобода секоја година го одбележува Денот на човековите права со настани на кои недвосмислено ја опишуваат состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија и во светот и повикува на акција и вклучување на сите граѓанки и граѓани во одбрана на човековите права и слободи во духот на солидарноста и почитувањето.
По тој повод, ЦИВИЛ утре организира јавен настан под мотото „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, во рамките на Деновите на правото на глас“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.