ЦИВИЛ: Македонија не може да си дозволи изборна кражба

Од:

Со 35 учесници, претставници на шест политички партии, на 12 организации на граѓанското општество, на четири странски дипломатски претставништва и со експертскиот тим на ГОНГ од Хрватска, ЦИВИЛ – Центар за слобода ја одржа тематската средба „СЛОБОДНИ ИЗБОРИ ЗА СЛОБОДНИ ГРАЃАН[К]И: Иднината на Македонија“ денеска (1 септември) во хотел Сити Парк.

На средбата, учесниците говореа за состојбите во земјата, за политичката криза и за процесот за нејзино надминување. Изборен законик, изборен модел, Избирачки список, Државна изборна комисија и нејзините тела, финансирање на политичките партии и изборните кампањи, медиумите и изборите – се само дел од темите коишто беа опфатени и за кои се презентираа конкретни предлози, барања и препораки. Исто така, се истакна потребата од транспарентност на политичкиот процес, за што на вчерашната прес-конференција се заложи и Платформата 23.

ЦИВИЛ – Центар за слобода и низа други организации на граѓанското општество, политичките партии, експертската јавност, како и голем дел граѓанки и граѓани во Република Македонија, се длабоко засегнати со политичката криза и процесот за нејзино надминување. Затоа, согледувајќи ја потребата од вклучување на повеќе актери и засегнати страни во тековните политички процеси, наспроти фактот што преговорите се одвиваат зад затворени врати, од суштинска важност е да се обидеме да дадеме придонес кон процесот. ЦИВИЛ ќе продолжи да им дава јавност и гласност на барањата и ставовите за политичките состојби и за демократските процеси во Република Македонија. Граѓанките и граѓаните имаат право да ги повикаат на одговорност политичките актери кои зад затворени врати ја решаваат судбината на сите нас.

ЦИВИЛ, во соработка со експерти од различни области, секојдневно го анализира развојот на ситуацијата и изработува документи кои содржат предлог-мерки и легислативни решенија за демократизација на земјата и обезбедување на барем минимум услови за слободни избори во 2016 година.

Во текот на неколкудневната посета на експертскиот тим од Република Хрватска, составен од претставник на ГОНГ и на Центарот за одличност при хрватското Министерство за надворешни работи и европски прашања, ЦИВИЛ доби драгоцена експертска поддршка и обука за своите мониторинг-тимови распоредени низ целата земја.

ЦИВИЛ и експертскиот тим од Хрватска ги усогласија своите наоди и ставови, меѓу кои е и тој дека политичкиот процес би требало да генерира јасни и прецизни одредби. Кршењето на одредбите во законите треба да биде соодветно санкционирано. Заплашувањето и уцените на гласачите или нивно доведување во нерамноправна позиција, се сериозни прекршувања и мора да бидат санкционирани. Обврската да се презентираат решенијата пред заинтересираната јавност, мора да се почитува. Јавноста има право да добие информации за сé што се случува.

Оттаму, се приклучуваме кон повиците до преговарачите, редовно да ја известуваат јавноста за напредокот во преговорите.

Согласни сме дека во овие услови не може да се спроведе сеопфатна реформа на Изборниот законик, па затоа, потребно е да се утврдат приоритети за да се создадат услови за почитување барем на минимални стандарди за одржување на слободни и фер избори.

Државата МОРА да обезбеди максимално почитување на човековите права и слободи, од кои гласачкото право е едно од фундаменталните права, заштитено со Устав, меѓународно право и закони.

Мора да се обезбеди модел и систем за спроведување на избори кои во потполност ја отсликуваат волјата на гласачите. „Едноставно, не смееме да дозволиме злоупотреба на власта и кршење на човековите права и слободи. Македонија не може да си дозволи изборна кражба!“ – е гласниот став на ЦИВИЛ, повеќе пати повторен во јавноста.

Од јануари оваа година, ЦИВИЛ започна со едукација на граѓанките и граѓаните за нивното гласачко право и започна со мониторинг во повеќе области, во рамките на проектот „Моето гласачко право“, поддржано од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, што го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија. Во текот на целото лето, мониторинг-тимовите, засилени со нови алатки и проширени мандати, ги набљудуваа состојбите во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, што го поддржува Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Експертскиот тим на ГОНГ работеше со тимот на ЦИВИЛ, како резултат на поддршката од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Република Хрватска.

На Македонија итно ѝ е потребен ефикасен и непристрасен систем за заштита на избирачкото право на граѓаните.

ЦИВИЛ работи на прибирање информации од теренот. Во овој период, забележлива е континуираната политичка кампања, придружена со низа случаи на злоупотреба на моќта во изборен контекст. Оваа појава особено се засили во текот на летото, наспроти договорите и препораките на меѓународната заедница и на домашната јавност.

Медиумите се под продолжен притисок и контрола на структурите на моќта во земјата. ЦИВИЛ уште еднаш, гласно го повторува барањето за ослободување на медиумскиот простор. Неопходно е да се овозможи медиумите да ја исполнуваат својата општествена функција, а тоа е информирање на јавноста. Бараме слободни, политички неутрални и отворени медиуми, за јавноста секогаш да биде коректно информирана!

Отвореноста на медиумите – на гласачите ќе им обезбеди објективни информации, неопходни да донесат информирана одлука.

Би можело да ве интересира

Креативна работилница „Обединети против насилството“

Ана Ололовска

ЦИВИЛ предлага 8 март да биде прогласен за неработен ден за сите жени во земјата

ЦИВИЛ повика на засилен мониторинг на изборниот процес

Ана Ололовска

ЦИВИЛ: Не смее да се толерира насилство врз новинарите

Наум Локоски

ЦИВИЛ го застапува правото на глас и го набљудува референдумот

Ана Ололовска

Цивил центар за слободи: Некој ги заплашува граѓаните за референдумот

Наум Локоски