ЦИВИЛ: Македонија е потоната во медиумски мрак и структурно насилство

Од:

„На Светскиот ден на слободата на медиумите, уште еднаш, го креваме нашиот глас за слобода и им соопштуваме на македонската и светската јавност дека во Република Македонија веќе долги години владее медиумски мрак.

Власта, со над двесте специјалци ја затвори критички настроената А1 телевизија со национална концесија и трите дневни весници („Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“) ноќта на 26 ноември 2010 година. Тоа не беше почеток на жестоката контрола врз медиумите, но секако беше вовед во една нова ера на македонските медиуми. Тоа е ера на речиси целосна контрола на медиумскиот простор во земјава, демонизација на критичкото новинарство и континуирано насилство врз сите што се дрзнаа да говорат и известуваат поинаку од пропагандниот катихизис на власта.

На кобниот 24 декември 2012, новинарите беа грубо исфрлени од галеријата на Собранието на РМ, по што следеше и исфрлувањето на пратениците од опозицијата, преседани невидени во поновата историја на Европа, со што грубо беа прекршени Уставот и повеќе закони.

Новинарот Томислав Кежаровски беше прогонуван и затворен две години само поради тоа што ја извршуваше совесно својата новинарска должност – да ја известува јавноста.

Уредникот и сопственик на единствениот независен политички неделник „Фокус“ загина во сообраќајна несреќа под крајно сомнителни околности.

Власта со години прислушувала десетици новинари и јавни личности, а дел од објавените разговори од страна на опозицијата слушнавме на каков начин се воспоставувал медиумскиот мрак во Македонија.

Слушнавме како еден уредник на телевизија со национална концесија во разговор со министерка во владата ги нарекува вестите во телевизијата во која е уредник со зборовите „куртон вести“.

Сопственик на друга послушничка телевизија со национална концесија на шефот на една безбедносна служба му се „исповедува“ дека би ја исклучил струјата во телевизијата само за да не оди емисија од продукција која не зависи од матичното уредништво.

Автомобилите на неколку новинари и аналитичари пламнаа во изминативе три години, како јасна закана и притисок поради нивното делување.

Регистрирани се и повеќе случаи со неколку физички напади и смртни закани врз новинари и уредници во независни медиуми во земјата. Но, за ниту еден од тие случаи нема резултати од истрагата ниту разрешница.

Новинарот Саше Ивановски беше физички нападнат од потпретседателот на Владата Владимир Пешевски. За тоа не одговараше.

Новинарот Зоран Божиновски е прогонуван, обвинет за шпионажа и сега е во притвор.

Договорот за надминување на политичката криза, потпишан во Пржино (2 јуни и 15 јули) ги постави високо на агендата токму медиумските слободи. Претставниците на власта најжестоко ги бранеа своите позиции во преговарачкиот процес токму во оваа област, со цел да ја задржат контролата врз медиумите. Реформите во медиумите се целосно блокирани, а предлогот на меѓународниот посредник Питер Ванхауте за итни чекори за ослободување на медиумите од стегите на партиите на власт беа категорично одбиени. Самиот посредник доживеа канонада од напади во јавноста токму од медиумите под контрола на власта.

Сите релевантни меѓународни и домашни институции и организации со години говорат за драстичниот пад на медиумските слободи и Македонија ја сместуваат во категоријата неслободна земја.

ЦИВИЛ упати бројни препораки и апели во текот на изминатите години. Ниедна препорака, ниту апел немаа позитивна завршница.

Медиумите ѝ служат на власта да ја одржува пропагандната машинерија, масовниот клиентелизам и структурното насилство во Република Македонија. Македонија е потоната во медиумски мрак и структурно насилство. Тоа мора да запре веднаш!

Затоа, ЦИВИЛ ја повикува демократската јавност и слободољубивите граѓанки и граѓани на Република Македонија, со сите средства дозволени со Уставот и законите, да го одбранат своето право да бидат објективно и професионално информирани.

ЦИВИЛ ја повикува и меѓународната заедница да ги повика властите во земјата веднаш да престанат со пропагандата и со контролата врз медиумите и да преземе итни и строги мерки за санкционирање на власта“, соопштуваат од ЦИВИЛ​.

Би можело да ве интересира

Креативна работилница „Обединети против насилството“

Ана Ололовска

ЦИВИЛ предлага 8 март да биде прогласен за неработен ден за сите жени во земјата

ЦИВИЛ повика на засилен мониторинг на изборниот процес

Ана Ололовска

ЦИВИЛ: Не смее да се толерира насилство врз новинарите

Наум Локоски

ЦИВИЛ го застапува правото на глас и го набљудува референдумот

Ана Ололовска

Цивил центар за слободи: Некој ги заплашува граѓаните за референдумот

Наум Локоски