„Тимот на Цивил Медиа во рамките на Иницијативата „Социјална правда сега!” работеше на приказната за условите при работа во фабриката „Дрекслмаер“. Тогаш, нашите соговорници сведочеа за нивната борба за опстанок во услови кои се под човековото достоинство. Тие ни раскажаа за тешките услови за работа која е слабо платена, за заштитата при работа, која ја имаат само кога доаѓаат претставници на компанијата од Германија, за локалните менаџери кои се однесуваат како „газди“ кои ги принудуваат да работат прекувремено… Вработените нема кому да се обратат и да побараат подобри и почовечки услови за работа: секој кој ќе се побуни е мета на притисоци или ја губи работата..
„Немаат камшик, но имаат софистициран облик на робовладетелство“, беше заклучокот на еден од нашите соговорници кој сѐ уште работи во „Дрекслмаер“.
Во вторникот, во фабриката почина В.С., мајка на две деца. Според нејзините колеги, таа била вредна и ценета работничка која чесно и совесно си ја вршела својата работа. Според наши извори, таа не била спречена да оди во амбулантата и да побара лекарска помош. Но, по барањето да повика такси и да замине од работа, од одговорното лице на смена, добила одговор – да поработи, можеби ќе ѝ помине. Набргу, В.С. паднала во бесознание, ја изнеле од халата, и и била укажана прва помош од медицинско лице. Работниците побарале некој од нив да биде со неа, но одговорното лице им наредило да продолжат со работа. Била повикана Итна помош, но набргу потоа, В.С. починала. Менаџментот не бил известен, бидејќи немало прекин на работата. Според нашиот извор, во прв план се производството и машините, а потоа, здравјето и безбедноста на работникот.
Одговорната за односи со медиумите во „Дрекслмаер“, Катерина Бакалова, на нашите прашања за причините кои довеле до овој немил настан, ни одговори дека на В.С. веднаш откако се пожалила дека не ѝ е добро, ѝ била укажана медицинска помош и дека била повикана Итна помош. На прашањето на Цивил Медиа – кои превентивни мерки ќе ги превземе „Дрекслмаер“ за заштита на работниците во иднина, Бакалова одговори: „Дрекслмаер ги исполнува и применува сите мерки за заштита и безбедност при работа кои се пропишани со македонското законодавство, но ги исполнува и интернационалните норми и сертифицирани стандарди за заштита и безбедност при работа“.
За жал, според нашите сознанија, ова е петти смртен случај во „Дрекслмаер“ во последната година.
ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува локалните власти конечно да го покренат прашањето за статусот и правата за заштита на вработените во фирмите на странските инвеститори. Ги повикуваме и амбасадорите на државите во кои се регистрирани фирмите, странски инвестиции, во Македонија да ги повикаат сопствениците да ги почитуваат законите во државите во кои се регистрирани.
ЦИВИЛ – Центар за слобода им изразува најдлабоко сочувство на децата и на семејството на починатата работникчка, најновата жртва на социјалната неправда во Македонија.
Се надеваме дека одговорните во “Дрекслмаер“ конечно ќе преземат иницијатива за заштита на човековите и работничките права. Апелираме да се вреднува трудот на работниците и да им се овозможни на вработените синдикално организрање, без страв дека ќе жртви на мобинг или дека ќе бидат отпуштени“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.