„ЦИВИЛ – Центар за слобода ја поздравува иницијативата да се продолжат преговорите за надминување на политичката криза, овој пат во Виена.
Но, со оглед на неуспехот на преговорите кои се водеа и досега, неисполнувањето и опструкцијата на спроведувањето Договорот за надминување на политичката криза, продолжувањето на преговорите мора да добијат поинаков формат и динамика. Работата на Специјалното јавно обвинителство е под постојана блокада, медиумите сè уште се под силна контрола на власта, а партијата и државата не се одвоени.
Одлуката на Уставниот суд за можноста претседателот на државата да амнестира лица кои извршиле изборна кражба, а веднаш потоа и одлуката на Претседателот Иванов за аболиција на осомничените за злоупотреби, корупција, криминал и изборни кражби претставуваат тежок удар врз напорите да се врати владеење на правото во земјата.
Активностите на Државната изборна комисија, вклучително и активностите поврзани со пречистувањето на Избирачкиот список не оставаат простор за минимум доверба во квалитетот на подготовките на изборниот процес.
Големиот број случаи на злоупотреби и партиски притисоци, закани и уцени врз вработените во администрацијата се широко распространети и евидентирани од набљудувачите на ЦИВИЛ.
Злоупотребата на ранливите категории на граѓанки и граѓани, пред сè, на социјално загрозените лица, продолжува со несмалено темпо.
Во такви услови, го повторуваме истиот став кој нашата организација го имаше и пред почетокот на преговорите во Пржино. На преговори нема зошто да бидат прифатени претставници на власта за кои има сериозни импликации дека се генератори на кризата на системот и на тешки злоупотреби на власта.
Дел од преговарачите во овој процес немаат кредибилитет и не ги застапуваат интересите, ниту на државата, ниту на граѓанките и граѓаните на Република Македонија, туку само своите, лични интереси – да ја избегнат политичката и законската одговорност.
ЦИВИЛ бара преговори во интерес на граѓаните, а не за спас на дискредитирани политичари и осомничени за криминал!
Во таа смисла, ЦИВИЛ бара вклучување на повеќе политички партии и на претставници на граѓанското општество, организации, движења и иницијативи, за подиректно претставување на интересите на граѓанките и граѓаните на Република Македонија“, соопштуваат од ЦИВИЛ.