Цивил го презентираше проектот „Моето гласачко право“ денеска, со учество на претставници од граѓанското општество, политички партии, медиумите, заинтересирани граѓани, како и изборни набљудувачи на организацијата.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала одржа презентација на проектот и на досегашните наоди за состојбите во земјата. Учесниците на дебатата говореа за своите искуства и ставови за бројните груби нарушувања на изборните процеси од страна на партизираните институции, од политичките партии и медиумите под контрола.
– Мотивот за започнување на овој проект е согледувањето дека Македонија е во континуирана изборна кампања. За осум години, минавме низ осум изборни процеси, рече Дерала.
Меѓу другото, се потенцира дека проектот „Моето гласачко право“ ќе послужи како платформа за поефикасно дејствување на ЦИВИЛ – Центар за слобода, во изборните процеси во иднина, ќе креира и предложи механизми со кои ќе се спречат манипулациите, притисоците и заканите врз гласачкото тело во земјата. Преку проектот, ЦИВИЛ ќе придонесе кон јакнење на јавната свест, едукацијата и мобилизацијата на граѓанките и граѓаните кон подобрување на изборните процеси во Република Македонија, засновани врз демократски стандарди наспроти редовните изборни нерегуларности и неуморната кампања.
Преку јакнење на јавната свест, јакне и моќта на граѓан(к)ите во изборните процеси и во одбраната на човековите права и слободи. Цивил и учесниците на дебатата апелираат за почитување на гласачкото право и почитување на човековите права воопшто.