Советниците во Општина Центар на вчерашната седница на Советот, едногласно, со сите гласови „за“, ја усвоија предлог иницијативата на советникот Ненад Матевски, со која ќе се воведе чуварска служба во општината, која ќе води сметка за одржувањето на јавните добра и јавниот простор во Центар.
Советникот во Советот на Општина Центар, Ненад Матевски, до советниците на разгледување поднесе иницијатива за воведување на чуварска служба, со цел намалување и спречување на сѐ позачестените оштетувања на урбаната опрема, детските и спортски игралишта, дрворедите и урбаното зеленило.
„Оваа предлог-иницијатива произлегува од континуираната потреба за подобрување на квалитетот на животот и безбедноста на жителите на Општина Центар. Имајќи го предвид постоечкиот недостаток на доволен број полициски службеници и општински инспектори, сметам дека формирањето на една ваква мобилна служба, која ќе ги покрива сите 17 урбани заедници, ќе претставува значаен чекор напред во заштитата на јавното добро“, изјави во образложението на предлог-одлуката советникот Матевски.
Во одлуката претставен е и начинот на работа на чуварската служба, кој вклучува обуки на вработените од страна на стручни лица за овластувањата, начинот на постапување во различни ситуации, нивните комуникациски вештини и основните правни аспекти потребни за нивната работа. Службата ќе работи во тесна координација со МВР, ЈП ПОЦ и со општинските служби во насока на зголемување на степенот на безбедност на граѓаните на Општина Центар и заштита на јавните добра.
„Во Северна Македонија постојат примери на чуварски служби во рамките на одредени јавни претпријатија кои успешно придонесуваат кон заштита на јавното добро. На пример, Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми ‘Македонски шуми’, има организирана служба за надзор и заштита на шумските подрачја. Исто така, националните паркови како Маврово и Пелистер имаат служби за надзор и заштита на природните богатства. Дополнително, во некои општини, јавните комунални претпријатија имаат служби за обезбедување и надзор на нивните објекти и инфраструктура“, додава советникот Матевски во образложението.
Покрај заштитата на урбаната опрема, детските игралишта, клупите, кантите за отпадоци, спортските реквизити и останатата опрема, чуварската служба ќе води сметка и за зелените површини и општинското урбано зеленило, ќе биде мобилна и присутна на терен и доколку забележи активности спротивни на општинските насоки, ќе биде обврзана веднаш да го информира општинскиот инспекторат и МВР.
„Голема благодарност до сите советници и градоначалникот на Општина Центар за прифаќањето на мојата иницијатива за формирање на Чуварска служба! Ова е важен чекор за подобра заштита на нашето заедничко добро. За сигурен и безбеден Центар“, напиша Матевски во објава на социјалните мрежи, веднаш по вчерашното изгласување на одлуката.