Чистењето на градот продолжува во Карпош

Од:

Градот Скопје, како дел од краткорочните мерки за намалување на загадувањето, ќе го продолжи чистењето на градот, а следниве неколку денови ќе се чисти територијата на општина Карпош.

-Една од причините за загадување на воздухот е отпадот низ парковите. Ова е продолжение на акцијата за чистење која беше спроведена изминатиот месец во Чаир, Бутел и Шуто Оризари, како реони каде што најголем број од домаќинствата се греат на дрва, чие согорување го зголемува количеството на ПМ10 честички во воздухот – изјави претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

Градот Скопје преку Секторот за комунални работи и ЈП „Паркови и зеленило“ поради поволните временски услови ја почна и реализацијата на Програмата за подигање и реконструкција на јавното зеленило на подрачјето на град Скопје.

-Паралелно со чистењето, на следниве локации работиме и на зазеленување на парковите, реконструкции на тревни површини и реконструкција на системите за наводнување и поставување нови на места каде што никогаш немало поставено прскалки. Па така се реконструираат тревните површини во Градски парк на две локации: езерцето кај Стадионот и површината спроти паркингот пред Фонтана и влезот во Градскиот парк, како и тревната површина на Кејот на реката Вардар и зелената површина зад МКЦ. Хортикултурно се уредува јавна површина и се подига нова парковска површина на бул. Втора македонска бригада, бул. Македонско-косовска бригада, бул. Христијан Тодоровски – Карпош и на ул. Самоилова – посочи Љубица Јанчева.

Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, нагласи дека приоритет на Градот е подобрување на животната средина, а тоа ќе го постигнат со надоместување на изгубеното зеленило и дополнително зголемување на парковите и дрворедите во сите општини во градот.

-Започнуваме координирана акција заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ за чистење на меѓублоковско зеленило, за отпад меѓу станбените згради, собирање и транспорт на лисјата од јавните површини, кастрење на исушени гранки и грмушки. Целта е да го исчистиме Карпош и полека да се подготвуваме за зелената офанзива која ќе започне на пролет во Општината – изјави градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Акцијата ја изведува градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ со целиот свој расположлив човечки и технички потенцијал.

Кон крајот на минатата година Градот Скопје организираше чистење и беа отстранети над 3.000 кубни метри смет од парковите и улиците во Скопје. Целиме ваквото чистење да прерасне во редовна пракса и зеленилото и улиците низ градот да бидат постојано чисти.

Би можело да ве интересира

Ѓорѓиевски: На Скопје не му требаат луѓе кои допрва ќе се учат што е локална самоуправа

МВР: Лажни се пријавите за поставени бомби во училишта во Скопје и Куманово

Горан Наумовски

Одрон на автопатот Скопје – Велес и две сообраќајки

Катерина Ѓуровски

Мицкоски: Јакимовски мора да биде минато во Kарпош, потребна е промена за крај на бетонизацијата

Ѓорѓиевски: Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија

Во Скопје 474.304 граѓани со право на глас ќе избираат помеѓу 16 кандидати за градоначалник и 19 листи за советници