Караница чиј е Гоце Делчев изби помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски под фејсбук статусот на премиерот Зоран Заев, кој објави фотографија по повод 149 години од раѓањето на Делчев. Се започна откако европратеникот Џамбаски под статусот коментираше дека Македонската револуционерна организација е бугарска. По ова, имаше лавина реакции од македонски и бугарски граѓани, по што, во преписката се приклучи и Мицкоски.
„Зоран Заев, очигледно ќе треба повторно да потсетиме дека ‘македонската’ револуционерна организација е бугарска. Според првиот Устав, името на револуционерната организација е Бугарско-македонско-одрински револуционерни комитети (БМОРК). Бугарски, Заев. А Георги (Гоце) Николов Делчев е роден во бугарско семејство, во бугарскиот град Кукуш, се претставувал како бугарски учител, бугарски офицер, бугарски револуционер, бугарски војвода во бугарската револуционерна организација“, напиша Џамбаски, по што почнаа караниците за Гоце Делчев.
По низата реакции, под статусот искоментира и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Бидејќи гледам дека премиерот Заев реши да не ги брани македонските интереси, јас ќе одговорам дека ВМРО е Македонија, а Гоце Делчев е Македонец, и тоа еден од најсветлите ликови во македонската историја“, напиша Мицкоски.
На ова, бугарскиот европратеник му врати дека не внимавал на часовите по историја или пак учел титоистичко-комунистичка „верзија“.
„Организацијата ВМРО е основана од македонските Бугари под името Бугарски македонско-одрински револуционерни комитети. Имено, бугарски. Ова го вели првиот статут на ВМРО. И ова е единствената и неспорна историска вистина. Тие како основа ги земаат документите и статутот на Бугарскиот централен револуционерен комитет и комитетите ‘Саединение’, Целта е да се спроведе членот 23 од Бугарскиот договор, да се ослободи Македонија од турско ропство и да се приклучи на Мајка Бугарија. Следејќи го примерот на ‘Саединение’. Да, ВМРО е организација на македонските Бугари. И ова исто така е единствената и непобитна историска вистина. Партијата за која сте вие официјален или вистински претседател има во својата кратенка ВМРО. Затоа, бидете искрени или осознајте ја вашата историска одговорност или прекрстете си ја партијата. ВМРО никогаш не била, не може и нема да биде просрпска и србоманска. Преземете ги работите во свој раце. Не е доцна…“, напиша европратеникот Џамбаски.
По ова, во преписката со Џамбаски се вклучија членови, поддржувачи и функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Во преписката, Џамбаски го нарекуваат и „свиња татарска“, на што тој врати со: „…Зоре Тасевски, дете на инцест. Така ќе го наречеш еден од вашите двајца татковци, по старата еднополова традиција на Санде (Александар) и Букефал. Дај ми слика да видам дали изгледаш како антички Грк, Хунза или коњ“.
Во продолжение на коментарите, европратеникот Џамбаски употребува навреди кон повеќемина кои коментираат дека Гоце Делчев е Македонец и иронично одговара на коментарите.