Четврти ден од изборната кампања, партиите продолжуваат со промоција на политичките понуди

Од:

Партиите и коалициите кои ќе учествуваат на предвремните парламентрани избори на 15 јули, денеска продолжуваат со промоција на своите политички понуди на терен, преку социјалните мережи и традиционалните медиуми.

На четвртиот ден од 20-дневната изборна кампања, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во скопски Центар и во Кичево, додека Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ќе ги претстави пред граѓани во Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница и Кочани.

Кандидатот на ДУИ за премиер Насер Зибери, денеска во Гостивар заедно со кандидатите за пратеници ќе ја презентира иницијатива за еднаква економија во приватниот сектор, а предизборниот караван на политичката платформа Македонски концепт ќе биде присутен во Прилеп, Гевгелија и Струмица.

Партиите во текот на вчерашниот ден ги упатија пораките до граѓаните и побараа поддршка на претстојните избори.

По приемот во НАТО, следни приоритети се ЕУ и градење едно општество за сите, порачаа од синоќешната трибина на Коалицијата „Можеме“ во Тетово, лидерите на СДСМ и на Движење Беса, Зоран Заев и Билал Касами. Заев истакна дека другите партии веќе нема да ветуваат членство во НАТО, оти тоа е завршена работа. Заедно со концептот за едно општество за сите, вели тој, успеавме сите граѓани да станеме членка на НАТО, а тоа значи исполнување на една од двете стратешки определби.

– Сега треба да бидеме заедно како никогаш досега мултиетничка и богата Македонија да ја оставиме на внуци како Европа во мало. Сега треба да грабиме напред и да се европеизираме заедно со концептот едно општество за сите, истакна Заев. Нагласи дека прв пат граѓаните имаат можност да видат предизборна мутиетничка коалиција која заедно се бори за мандат од граѓаните и ќе понуди заедничка битка кон евроинтегративните процеси на Северна Македонија.

Тој им порача на политичките противници дека во шеста изборна единица ќе бидат победени сите.

– Ќе ги победиме и ДУИ и Алијанса, двојно повеќе ќе имаме гласови од ВМРО ДПМНЕ затоа што им е преку глава на луѓето од квази патриотизам и нациионализам. Во недостиг на економска понуда, понуда за иднината, ДУИ се враќа кон национализмот и ја навредува интелигенцијата на граѓаните. Ние во СДСМ имаме Албанци и пратеници, градоначалници и министри, немаме проблем и за премиер и за претседател, но тоа е одлука која на крајот ја носат нашите граѓани. Крајно време е по 17 години власт ДУИ да одат во опозиција, само така ќе се реформираат,оа е здраво и за нив и за државата, порача Заев од Тетово.

Лидерот на Беса, Билал Касами пред граѓаните рече дека заедно се во оваа коалциија поради вредностите во кои веруваат со СДСМ.

– Заедно се боревме да падне режимот. Во 2016 паднаа две третини од режимот, сега преостанува уште една третина, конечен удар за ДУИ и да не се врати тој режим. Заедно гарантираме реално ќе има рамномерен развој, гарантираме дека Шар Планина ќе биде национален парк, но и ќе го развиваме туризмот. Гарантираме подобра инфраструктура, да нема веќе депонии, да има вода за пиење во сите места, вработување на уште луѓе во економската зона, веруваме дека иднината е тука, истакна Касами.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, од Демир Капија, Неготино и Кавадарци порача дека почнува обновата на земјата и по победата на изборите уште во првите шест месеци од владеењето ќе се стави крај на криминалот.

– Оној слоган што го слушаме деновиве, а тоа е „Можеме“, јас повеќе би рекол „Можевме“. Зошто можеа, затоа што имаа три години сето она кое што го ветуваа и во таа 2016-та година, а потоа и на локалните избори во 2017-тата, па подоцна и на претседателските избори во 2019-тата година да го реализираат. Но, за жал не успеаја во тоа што го ветуваа и затоа ние на 15-ти јули треба да им кажеме „Можевте“, а сега ќе можете од опозиција да учите и да гледате како се работи и како се сака сопствената држава Република Македонија, порача Мицкоски.

Тој посочи дека многу внимателно го креирале секој пасус во нивната предизборна програма.

– Секој кој се огрешил пред законот дали бил ВМРО-ДПМНЕ, дали бил СДСМ, дали бил ДУИ, Алијанса, политички определен и неопределен ќе одговара. Доста беше богатење на грбот на македонскиот напатен граѓанин. Мора да има правда! Мора да владее правото и мора правото, секаде законите и Уставот да се почитуваат на овие 25 илјади километри квадратни, наша држава Република Македонија, од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево. Секаде мора да владеат законите и Уставот. Нема да има привилегирани, нема да има силни политичари, нема да има политичка каста, порача Мицкоски.

Тој вети најмалку 640 милиони евра субвенции во еден мандат за земјоделците, редовен пласман на родот.

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива во рамките на предизборната кампања со мотото „Сега е време“ вчера беше во посета на Кичево. Претседателот на Алијансата Зијадин Села од кичевското Китино Кале истакна дека тие нема да ги отпуштат административците, туку напротив, ќе ги распределат на соодветни работни места.

Кандидатот за премиер од редовите на ДУИ, Насер Зибери, пак, од Тетово порача дека за прв пат во земјата покрај двете перманентни структури се наметнува и трета опција која се обидува да го скрши црно-белиот свет кој досега им се нуди на граѓаните. За него се неразбирливи аргументите против идејата за премиер Албанец. Вели дека тој не сака и нема да биде премиер само на Албанците, туку претендира да биде раководител на идната Влада која ќе придонесе земјата да стане поперспективна, поевропска, во која секој ќе се чувствува како во својата куќа

Со порака до учесниците на изборите вчера излегоа и ЕУ-амбасадорите во земјава. Очекуваат сите политички партии да водат кампања во рамките на законот, со почитување на сите мерки на претпазливост од КОВИД-19. Во заедничката изјава на шефот на Делегацијата на ЕУ Самуел Жбогар и на амбасадорите на земјите-членки стои дека изборниот процес е можност политичките актери, да ја потврдат и јасно да ја покажат својата посветеност на владеењето на правото и почитувањето на највисоките европски стандарди, вклучително и со избегнување на потпалувачки говор, лажни вести и дискриминација. Враќањето на целосното функционирање на Собранието, се наведува, ќе и биде од корист на земјата да се подготви за пристапните преговори кои наскоро ќе ги отпочне и ќе и овозможи да продолжи да ги спроведува клучните реформи.

Тие го поздравија договорот за датум за избори постигнат меѓу политичките партии и очекуваат мирни, фер, слободни и демократски избори.

Би можело да ве интересира

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он

Уште пет дена за договор за нова влада

А1он

СДСМ: Продолжуваат разговорите за нова влада со полн четиригодишен мандат

А1он

СДСМ тврди дека преговара за Влада со стабилно мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ бара да ги кажат имињата на партиите

А1он