Четириесет нови стипендии традиционално и годинава доделува Фондацијата „Трајче Мукаетов“ од кои 12 за студенти на Фармацевтскиот факултет и 28 на студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје за учебната 2018/2019 година. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци.
Претседателот на Фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје, Живко Мукаетов денеска на прес-конференција рече дека и годинава повторно доделуваат награда од 1.200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет.
Посочи дека годинава добитници на наградата се Филип Илиевски од Фармацевтскиот факултет со просек 9,78 и Марија Тодоровска од Медицинскиот факултет со просек 9,83, кои и досега биле стипендисти.
– Во изминатите 11 години имаме вложено 1,35 милиони евра во стипендирање на идни лекари и фармацевти, за девет години се донирани 24.000 евра за награди на првенците на генерации, a преку хуманитарниот пикник досега се донирани 115.000 евра, рече Мукаетов и изрази лична гордост што Фондацијата го продолжува делото на Трајче Мукаетов и ги помага студентите на двата факултети.
Потенцира дека со овие 40 студенти досега имаат стипендирано 458 студенти од кои 185 студенти по фармација и 160 по медицина се веќе дипломирани.
– Од овие студенти кои сме ги стипендирале 64 веќе работат во компанијата „Алкалоид АД“ од Фармацевтскиот факултет и пет од Медицинскиот факултет. Стипендијата и натаму е 6.500 денари во текот на целата година за студентите кои ги добија стипендиите, додаде Мукаетов.
Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје, Никола Јанкуловски истакна дека наградените кандидати добиваат еден нов стимул за нивно усовршување и подобро извршување на нивните работни задачи.
– Сето ова придонесува за повисок квалитет на кадарот кој излегува од овие факултети. Добро едуцирани и стручни кадри се добар предуслов за добар здравствен систем и сите овие заеднички аспекти ќе придонесат тој да се зацврсти и да биде од европски или светски ранг, за добробит и благостојба на граѓаните, додаде Јанкуловски.
Деканот на Фармацевтскиот факултет, Светлана Кулеванова рече дека престиж е да се биде стипендист на Фондацијата. Посочи дека станува збор за една квалитетна соработка со Фармацевтскиот факултет и голем придонес во подигнување на студентскиот стандард, но и стимул за одржувањето на успехот кој студентите стипендисти се обврзани да го задржат до крајот на своето студирање.
Деканот на Медицинскиот факултет, Соња Топузовска изрази надеж дека стипендиите ќе бидат стимул за студентите да го задржат успехот, но и да постигнат уште поголем успех. Таа рече дека верува оти дел од нив својата професионална кариера ќе имаат можност да ја почнат во компанијата „Алкалоид“.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука а Управниот одбор на „Алкалоид АД“ Скопје во мај 2007 година. Фондацијата има за цел стипендирање, донирање и финансирање талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области. Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата за поддршка на фармацијата, медицината и науката, пред се преку поддржување на млади, амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.