Стартот на судењето за случајот „Талир“ кој се однесува на финансирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно по којзнае кој пат по ред се одложи. Овој пат причината е операцијата која ја имал обвинетиот Леко Ристовски поради кој беше одложено и вчерашното рочиште за предметот „Титаник“.
Првото рочиште за случајот беше закажано за 18 февруари годинава. Од тогаш стартот е одложуван во повеќе наврати од повеќе причини меѓу кои, болест и службено патување на некој од обвинетите како и отсуство на адвокати од одбраната.
Адвокатот Дончо Наков денеска до судот достави писмо од Собранието за толкувањето на законот за СЈО во кое се вели дека не е започната процедура за толкување од причина што Владата се уште нема испратено мислење до Собранието на РСМ уште од 13 февруари годинава од кога и е испратено барањето.
Наков напомена дека ќе испрати барање за ургенција на владата за побрзо да се реши ова прашање.
Во предметот „Талир“ за нелегално финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеникот Илија Димовски и Леко Ристоски.
За случајот обвинета беше и Елизабета Чингаровска која ја призна вината и доби условна казна.
Специјалното јавно обвинителство на 22 ноември минатата година до Основниот суд Скопје 1 поднесе два обвинителни акта како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „Талир”.
Од причини на целисходност ова Јавно обвинителство ја раздвои постапката во предметот „Талир” и поднесе две обвиненија.
Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Виктор Јованов