Министерот за одбрана Зоран Јолевски по повод празникот 23 Октомври – „Денот на македонската револуционерна борба“, денеска упати честитка до припадниците на Армијата на Република Македонија и до сите граѓани на Македонија.
– Денес го славиме делото на нашите предци кои пред повеќе од еден век се бореле и го дали својот живот за независна и самостојна Македонија. Со одбележувањето на патриотите кои сето свое битие го насочиле кон осамостојувањето на својата татковина, на пиедестал го ставаме македонскиот копнеж за мир, слобода, еднаквост и демократија, истакнува Јолевски во честитката.
Она што нашите предци го засадиле, потенцира министерот, ние мораме да го чуваме и негуваме.
– Припадниците на Армијата на Република Македонија се патриотите кои денеска стојат на браникот на современите вредности, не само за граѓаните на Република Македонија, туку на глобално ниво, додаде тој.
Јолевски на припадниците на Армијата на Република Македонија им порачува да останат одлучни во чекорите кои ги превземаат и верни на мисијата која ја остваруваат.