Не сме полоши од сите претходни извештаи на ОБСЕ и ОДИХР за известувањето на Македонската радио телевизија, изјави уредникот на информативната програма на МРТ, Горан Петревски на денешната дебата организирана од ЗНМ на тема „Каков јавен сервис и е потребен на Македонија?“.
На овој начин тој ја оправда својата одговорна улога во уредувањето на националната телелвизија повторувајќи дека сите претходни извештаи биле или исти или полоши од оние кои се изработени откако тој е уредник на МРТ.
Петревски и новинарката Билјана Василева Трендафилова, како претставници од МРТ, рекоа дека МРТ ја уредуваат онака како што сметаат дека треба. На прашањето од претседателката на ССНМ, Тама Чаусидис, од што се плашите, тие одговорија дека не се плашат од никого.
– Кога ме повикаа на дебатата, вклучив МРТ за да ги игледам вестите. Во ден кога средношколците даваат изјава за својот бојкот на настава, вие правите прилог како е здраво да се учи математика. Наместо бомбите Билјана на вести го чита соопштението, реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, не го ни кажува, туку го чита, а потоа иде во текст интегрално. Луѓе за баланс збориме, не го доживувајте ова како напад. Колеги сме, од што се плашите? Како синдикалец зборам ги имате најдобрите услови за работа од сите новинари во земјава – им порача Чаусидис.
Петревски на тоа рече дека овие критики се подеднакво релевантни кога од луѓе надвор од фелата ќе добие пофалби дека е единствениот телевизиски медиуми во земјата кој известува балансирано.
– Правиме се што можеме во вакви политички околности да го дадеме најдоброто од нас. Се надевам дека никогаш нема да се ставиме во слична ситуација и на идните кадри да им кажуваме дека во наше време беше подобро – рече Петревски и вети дека наскоро лично ќе се заложи МРТ да организира отворена дебата за својата работа.
Пред почетокот на денешната дебата ЗНМ презентираше анализа на состојбите во МРТ и според нивните податоци од јавните претпријатие, јавниот сервис е најголем должник на данок во износ од 1,5 милиони евра. Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, рече дека МРТ во период од 2011-2013 година должи за неплатена такса колку еден годишен буџет на телевизијата, односно 22,8 милиони евра. Од 4.000 фирми, рече тој, МРТ е 18-та на листата на должници во УЈП.
Овие податоци МРТ ги изнесе за да укаже дека сегашниот модел на финансирање на МРТ не функционира од причина што наплаќањето такса е терет и за УЈП која, како што рече Секуловски, последните три години има над 7,5 милиони евра трошоци само за извршување на оваа дејност.
Главниот и одговорен уредник на МРТ, Диме Ратајковски, ги негираше овие тврдења како небулозни, но не ги поправи бројките на Секуловски.
– Немам слушнато поголеми небулози никогаш до сега. МРТ има финансиски директори кои можат попрецизно да одговорат, тоа не е моја работа – рече тој.