Жени или мажи, експерти или партиски докажани членови, едни исти ликови со години или пак нови луѓе без никаков товар. Во оптек се сите варијанти, кои партиите интензивно ги тестираат за да одлучат до 12 март, кои ќе бидат адутите со кои ривалите ќе истрчаат на изборниот терен. Секој ја посакува удобната и добро исплатлива претeничка фотелја, која лесно, доколку тимот победи, се менува за министерска или висока директорска позиција.
Партиите, самоуверено, за А1он велат дека имаат голем избор и нивната понуда на кадри ќе биде победничка.
СДСМ, најави дека ќе бидат користени и надворешни експерти при изборот на кандидати за пратеници на СДСМ врз строго утврдени критериуми. 50 проценти на листите ќе бидат жени, а 30 проценти млади.
Но, важно е на кое место на листите кој ќе биде ставен, бидејќи пожелна и добитна комбинација, во отсуство на отворени листи, се првите позиции.
Се уште нема одлука, колку места ќе им припаднат на традиционалните коалициски партнери ЛДП и НСДП, колку на партиите на етничките заедници.
Во единицата како носител, неофицијално, од СДСМ и коалицијата и покрај аспирациите на неколкумина, најсериозни се шансите тоа да биде Мила Царовска. Извесно е, најавуваат во СДСМ, на добитни места да се најдат Мухамед Зеќири, Калеска Ванчевска, Јагода Шахпаска, Јован Митревски, Костадин Костадинов, Зеќир Рамчиловиќ, но не и Александар Кирацовски, Фросина Ременски, Мира Стојчевска.
Ивана Туфегџиќ веќе најави дека својата иднина ја гледа во други води.
Во ВМРО-ДПМНЕ, дознаваме неофицијално од партиски извори, Мицкоски сака да игра со нови неистрошени кадри, но сепак шансите на Антонијо Милошоски се подобри од оние на Илија Димовски и Влатко Ѓорчев. За сигурни играчи се сметаат Игор Јанушев, Александар Николовски и претседателката на Унија на жени, Благица Ласовска. Се најавува дека нивна нова ѕвезда можно е да биде Рашела Мизрахи, а неизвесно е дали кандидатката за претседател Гордана Сиљановска ќе ја води првата изборна единица. Нивниот избор најавуваат дека ќе бидат дел искусни интелектуалци, дел нови, млади и просперитетни луѓе, но и искусни досегашни политичари поради континуитет и успешно функционирање.
Пратениците од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, веќе се збогуваа со пратеничките позиции.
Од албанскиот корпус, се надеваат сите на победа, ќе понудат квалитетни кадри и програма, но детали не откриваат. И сите се едногласни дека приоритет им е добивањето на датум за отпочнување на преговорите со ЕУ.
Според роковникот на ДИК, кандидатските листи треба да бидат доставени до полноќ на 12 март.
Колку новиот 10. по ред парламентарен состав, ќе го исполни досегашното ветување на сите дека законодавниот дом ќе биде Дом на демократијата, а пратеничката чесна, сериозна и одговорна функција, ќе се види при начинот на составување на кандидатските листи и кој се ќе се најде на нив.