Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец април 2017 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 5 кривични пријави против 5 физички лица.
Поднесени се следните кривични пријави:
Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори
– До ОЈО Велес е поднесена кривична пријава против Е.К.Б. државјанин на Бугарија, кој на 11.04.2017 година со товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки сопственост на правното лице од Република Бугарија, се пријавил за излез од Република Македонија на царинска испостава Богородица. При извршена детална контрола на возилото во внатрешноста од страничните даски на полуприколката, поточно во 61 даска биле пронајдени по 5 пакувања наполнети со непозната материја од растително потекло, односно вкупно 305 пакувања наполнети со марихуана со тежина од 14,6 килограми. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Велес кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
– До ОЈО Велес поднесена е кривична пријава против С. Д. српски државјанин кој на 15.04.2017 година со патничко моторно возило со српски регистарски ознаки се пријавил на влез во Македонија на царинска испостава Богородица. По извршениот детален преглед на возилото во двата акумулатори од возилото (едниот во пределот на моторот, а другиот во багажниот простор од десната страна) биле пронајдени вкупно 14 пакетчиња (6 пакетчиња во едниот и 8 пакетчиња во другиот акумулатор) наполнети со хероин со вкупна тежина од 6,9 килограми. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Велес кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
– До ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против М.Г. македонски државјанин кој на 26.12.2016 година на царинска испостава Аеродром Скопје – отсек за стоково царинење подигнал пратка испратена од правно лице од Велика Британија за примач пријавеното лице М. Г. во која се наоѓале две пакувања со вкупно 6 парчиња семки од растението Cannabis. На ваков начин пријавениот неовластено набавил семенски материјал за кој знаел дека е наменет за производство на наркотична дрога марихуана.
Фалсификување исправа
– До ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против лицето Ф. С. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека лажна исправа употребил како вистинска. На 01.11.2016 во царинската испостава Скопје 1 пријавениот увозно оцаринил употребувано моторно возило. Во моментот на увозно царинење кон царинската декларација бил приложен сертификат–Уверение за движење ЕУР 1, заверен со печат од царинската администрација на Швајцарија, како доказ за преференцијално потекло на стоката, со цел на пријавениот да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Швајцарија со барање за верификација на доказот за потекло, од каде доставен е одговор според кој доказот за потекло не е веродостоен. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.
– До ОЈО Струмица е поднесена кривична пријава против правно лице од Струмица и одговорно лице З. С. од Струмица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело фалсификување исправа, односно лажна исправа употребиле како вистинска. На 16.03.2016 во царинската испостава Струмица со една увозна царинска декларација, за потребите на правното лице, пријавените увозно оцариниле ткаенина. Во моментот на увозно царинење кон царинската декларација била приложени две фактури издадени од продавач од Република Грција. Во наведените фактури биле изготвени изјави за потекло, потпишани од извозникот, како доказ за преференцијално потекло на стоката од Европската унија, со цел на пријавеното правно лице да му биде одобрено увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Република Грција со барање за верификација на доказите за потекло, согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Заедница. Од страна на царинската администрација на Република Грција, доставен е одговор според кој фактурите при извозно царинење во Грција не содржат изјави за потекло од извозникот со кој се изјавува преференцијално потекло на стоката опфатена во фактурите. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.