Вчера на Царинска испостава Богородица-отсек за патнички промет, царинските работници пронајдоа и привремено задржаа 33 чекови во вкупна вредност од 99.099 евра.
На граничниот премин Богородица за влез во Република Македонија, се пријавило лице со грчко државјанство, управувајќи патничко моторно возило со грчки регистарски ознаки. На прашање на царинскиот работник дали има нешто да пријави за царинска контрола, лицето пријавило дека има само 3.000 евра. По извршен претрес на возилото и личен претрес на лицето, во личната торби на патникот се пронајдени пари во вредност од 4.000 евра и уште 2.000 евра во џебовите, како и 33 чекови со вкупна вредност од 99.099 евра.
Согласно член 15 од Законот за девизно работење, обврска на секој резидент и нерезидент во Република Македонија е да пријави внесување на странски хартии од вредност (чекови) во Република Македонија и потребно е одобрение од Комисијата за хартии од вредност, која ги определува условите и начинот под кои може да се добие одобрение за реализација на трансакциите. Исто така се известува Агенцијата за спречување на перење пари која води понатамошна контрола за потеклото на парите.
Во случајот чековите се непријавени, поради што против лицето ќе се спроведе прекршочна постапка согласно член 56-а, став 1 точка 22 од казнените одредби од Законот за девизно работење, и ќе биде изречена прекршочна санкција која предвидува плаќање глоба и одземање на чековите со вредностод 99.099 евра.
Согласно Законот за девизно работење, нерезидентите при внесување на ефективни странски пари во Република Македонија, немаат обврска да пријават девизи до износ од 10.000 евра, поради што на лицето пронајдените 6.000 евра му се ослободени и вратени.
Привремено се задржани 33 чекови со вредност од 99.099 евра, а против лицето е започната прекршочна постапка.