Цаца Николовска: Состојбата со уставните измени е однос на Северна Македонија со ЕУ, а не со Бугарија

Од:

Состојбата во која во моментов се наоѓа Северна Македонија во однос на уставните измени е однос меѓу државава и Европската Унија, а не Бугарија. Значи, странки во овој процес се Република Северна Македонија и Европската Унија. Однесувањето на опозицијата за целокупното негирање на потребата од уставните измени само со оправдување дека станува збор за бугарски диктат или притисок имајќи предвид на укажаниот однос на нашата држава и ЕУ, е сосема неоснован, вели во интервју за МИА, претседателката на работната група за уставни измени, Маргарита Цаца Николовска.

-За работната група битно беше разгледување на меѓународните документи и преземените обврски што произлегуваат од тие документи. Негласањето на опозицијата за меѓународните документи е нејзина одговорност. Во парламентарната демократија презентирањето на аргументи е главна алатка како што е случај и со дискусија околу тие аргументи, нагласува судијката во интервјуто.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој по функција е претседател собраниската Комисија за уставни прашања утре ќе ја отвори седницата, а по усвојувањето на дневниот ред Предлогот треба да биде образложен од страна на предлагачот, по што се очекува да се отвори дебата од страна на пратениците. Пратеничките групи најавуваат дека ќе го искажат својот став во однос на промената на Уставот односно Преамбулата, вклучувајќи ги и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. За МИА од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека пратениците ќе учествуваат во дебатата, каде јасно ќе ги кажат аргументите против уставните измени и набргу ќе стане јасно дека за нив власта нема мнозинство.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

На прашањето дали овие измени ќе отворат простор за загрозување на македонскиот идентитет, Цаца Николовска вели дека воопшто не е загрозен и дека и првите уставотворци ја оставиле вратата отворена да се додаваат и други народи.

-Уште во првиот текст на Уставот, односно на Преамбулата зборот „и другите“ постои, што значи дека не било проблем. Сега јас не знам зошто не се наведени сите, меѓутоа во секој случај додавањето на овие народи во никој случај нема да го загрози идентитетот, додава таа.

Во однос на стравувањата од нови бугарски блокади, нагласува дека како понатаму ќе се одвиваат работите не било тема на дискусија во работната група.

-Меѓутоа, ние дискутиравме дека со ваквите промени не може да дојде до загрозување на она што е вредност, сите вредности наведени и во Уставот и во другите меѓународни документи не само овие сега што поминаа во Собрание туку и многу пошироко со тоа што особено внимание се посвети и се дојде до заклучок дека нема шанси со овие измени идентитетот да се менува. На кој начин тој ќе се менува ако ништо друго барем овие што опонираат на ваквите промени треба тоа да го кажат. Исклучиво само зборување без аргументи како што наведов веќе не е резултат на демократија, не е резултат на она што значи заштита на човековите права коишто се и во нашиот Устав, а и многу пошироко по однос на другите држави коишто се членки на Европската унија, нагласува таа.

Би можело да ве интересира

Николовска: Заврши расправата по Деловникот, ќе го гласаме идниот петок

Гордан Калајџиев и Цаца Николовска ќе вршат надзор врз прислушувањето

Наум Локоски

Цаца Николовска: Неприфатливо е прислушувањето на телефоните во обвинителството

Наум Локоски