Бунфорт: Северна Македонија неправедно веќе 20 години „седи на оградата“ на ЕУ

Од:

Ако процесот се базира на мерит систем, Северна Македонија и останатите земји од регионот заслужуваат да станат полноправни членки на Европската унија, смета Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан. Нагласува дека земјава неправедно веќе 20 години „седи на ограадата“ и оти е неопходно процесот на пристапување во ЕУ да се забрза.

Бунфорт, кој денеска во македонското Собрание имаше средба со потпретседателот на Парламентот Антонијо Милошоски- Струшка сала рече дека на средбата станало збор за повеќе прашања поврзани со процесот на пристапување во Европската унија.

-Разговаравме за многу прашања поврзани со процесот на пристапување во ЕУ. Секако сме чуле многу идеи како таа за постепена интеграција или гарантиран статус на земја членка без право на глас… Она што е важно е да видиме дека земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија треба да станат полноправни членки на ЕУ. Тоа е се што можам да кажам во моментов. За нас би било многу важно да се забрза овој процес и да им се даде на земјите шанса да станат членки на ЕУ. Доколку станува збор за мерит базиран пристап, мислам дека Северна Македонија и регионот заслужуваат полноправно членство, рече Бунфорт во одговор на новинарски прашања по средбата.

Според него, Унгарија и Северна Македонија негуваат одлични билатерални односи и, како што истакна, тоа е повеќе од партнерство, тоа е нешто што се темели на заеднички интерес и доверба.

-Ние имаме силен интерес да го зголемиме нашето присуство во економската сфера на Северна Македонија. Разговаравме за конкретни проекти, разговаравме за прашања од заеднички интерес. Исто така, изразивме целосна поддршка за Северна Македонија пристап до ЕУ. Сметаме дека е пародија што Северна Македонија „седи на оградата“ повеќе од дваесет години. Сега се обидуваме да направиме сè што е во наша моќ за да го забрзаме овој процес. Разговаравме и за регионални прашања. Заинтересирани сме за стабилноста на регионот која за нас е од големо значење, рече специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија.

Потпретседателот на Собранието Милошоски го дели ставот на Бунфорт дека билатералните односи на двете земји се на одлично ниво, но и што има интерес и веќе зголемени активности за поголема економска соработка.

-Билатералните односи се на одлично ниво, во политичка смисла на зборот, но исто така тоа што охрабрува е што во однос на можните инвестиции и заеднички проекти и зголемување на трговската соработка, исто така постојат конкретни проекти коишто се веќе во тек на реализација и мислам дека тоа ќе ја засили и трговската и стопанска врска помеѓу Македонија и Унгарија, рече Милошоски.

Тој додаде дека со соговорникот разговарале и за темите поврзани со пристапувањето на Македонија но и земјите од регионот во ЕУ.

– Унгарија е земја која безрезервно дава поддршка за проектот на проширување на Европската унија, не само за Македонија, туку и за останатите земји во регионот, коишто, за жал, предолго чекаат во овој процес на проширување, каде што одредени ветувања беа дадени уште за време на Солунскиот самит 2003 година, но за жал, голем дел од нив не се исполнети до денес, рече Милошоски.

Најави дека ќе продолжат на билатерално ниво да разменуваат мислења околу овие, како што нагласи, за нас битни проекти.

– Во секој случај гледаме еден голем степен на взаемна доверба и заеднички интерес, којшто е добар и за Унгарија и за Македонија, но и за целиот регион во целина, рече Милошоски.

Додаде дека Унгарија е заинтересирана за влез на телекомуникацискиот пазар.

-Имаме заеднички проекти коишто се разгледуваат, а се од областа на енергетиката, но исто така проекти кои ќе значат и зближување помеѓу граѓаните, како збогатена соработка на ниво на култура, образование и други сектори коишто се важни за двете општества, изјави Милошоски по средбата со Бунфорд.

Би можело да ве интересира

Орбан: Зеленски мора да знае дека со напад на Унгарија може само да изгуби

Калас: ЕУ веројатно нема да постигне договор за нови санкции против Русија

Орбан: Зеленски директно се вмеша во изборната кампања на Унгарија

(ВИДЕО) Орбан: 21 век ќе биде век на понижување за Европа, Брисел врши притисоци и цензура

Мицкоски во Минхен: Не ни треба процес без крај, туку заслужена и предвидлива европска иднина

ВИДЕО: Рубио во Берлин и се закани на Европа, анализира CNN