Бугарската „Фондација Македонија“ после влезот во македонскиот фудбал, планира да инвестира голема сума на средства во пет нови медиуми во Македонија.
Првиот човек на фондацијата, Виктор Стојанов за „А1он“ открива дека со помош на донации од активисти во организацијата собрале средства за да отворат пет македонски онлајн медиуми во нашата земја кои според него ќе бидат мост на пријателство помеѓу двата народи.
– Донациите се од активисти граѓани на Бугарија. Немаме некој голем инвеститор кој вложува сам во овој медиуми проект. Како активност во организација, ова е наша посебна работа да развиваме македонски медиуми во кои ќе работат македонски новинари кои ќе бидат мост на пријателство помеѓу двата народи како што сум забележал дека има такви објективни кои не заземаат ниту една страна. Имаме два медиуми во моментов, подготвуваме уште три и сите тие ќе бидат онлајн – истакна Стојанов за „А1он“.
Организацијата планира да отвори и ТВ-студио во кое ќе се снимаат видеа, подкасти и интервјуа кои ќе се емитуваат само на интернет платформите.
– Планираме да отвориме новинарско студио во кое ќе имаме видеа, подкасти и тоа ќе оди онлајн, односно нема да биде класичен радиодифузер. Сега за сега медиумите ќе бидат дневно политички со вести од регионот. Но во блиска иднина ќе отвориме два портала за здрава храна и спортски портал кој ќе биде регионален со цел да го обединуваме Балканот на спортски начин. Ќе има вести од Албанија, Македонија, Србија и Бугарија – открива Стојанов.
„Фондација Македонија“ минатата недела објави дека ќе инвестира од 15.000 до 120.000 евра во еден од клуб од Втората или Третата македонска лига, во зависност од тоа со кој од нив ќе ги финализираат преговорите, откако пропадна обидот да влезат во најтрофејниот клуб Вардар за кого беа подготвени да издвојат 800.000 евра.
Овие медиуми нема да бидат први во Македонија. Шеста година по ред функционира порталот „Трибуна.мк“ кој го води бугарскиот новинар Атанас Величков. Заедно со Величков се бившиот портпарол на Владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Ѓорѓи Трендафилов и Петар Колев, македонски Бугарин кој работи за агенцијата БГНЕС чии сопственици се родени во Македонија.
Овој портал, според Величков, се финансира од бугарската држава.
„ Веќе две години работиме на проекти на Министерството за надворешни работи на Бугарија, а за тоа да се случи главната заслуга има тимот на бугарската амбасада овде на чело со амбасадорот Ангел Ангелов и неговиот заменик Петар Петров“, истакна тој во интервју за бугарскиот „Труд“.