Бубо Каров K-15: ВМРО-ДПМНЕ најмногу заслужува Оскар за глума пред народот

Од:

ВМРО-ДПМНЕ најмногу заслужува Оскар за глума пред народот и дебело води, па има празно место, па СДСМ е на одличното трето место, во свој стил , Љупчо Бубо Каров од К-15 во неделното интервју на Радио Слободна Европа прави ранг листа и дели Оскари.

ВМРО-ДПМНЕ, Оскарот го заслужува во сите катергории, пред сè сценарио, па режија, продукција, во сите категории , вели, се врвни.

„Посебно, морам да ви кажам нешто затоа што тоа ми е мене работа, јас со новинарство, продукција, маркетинг се занимавам повеќе од 30 години. Ова што ВМРО-ДПМНЕ го работи, особено во делот на маркетинг, може да му позавидат и најголемите светски агенции. Толку се вешти. Рекламирањето, кое било, е на некој начин манипулација со луѓето. Без разлика дали си ја платил рекламата или не, тоа е манипулација со гледачите. Милам дека тие толку класично, како по учебник, ја водат сопствената презентација, а толку вешто и софистицирано прикриена како да работат исклучиво за интересите на државата. Си најдоа прекрасен начин, а и извор на финансирање, преку презентација на државата да си ја промовираат сопствената партија. Значи тука им нема рамен и нема да има мислам дека долго време“, вели Каров.

Каров се сеќава на емисијата ННРВ, која одеше на Македонското радио и на Династија на кавадаречки начин.

Династија, вели се правела во државата која се викаше Социјалистичка Република
Македонија, но тие немале никакви притисоци, иако и тогаш третирале политичари и политички настани. Во време на НННРВ, во време на познатата експертска влада на чело со Никола Кљусев имале забелешки , а нивните нашите раководители, сакајќи да се покажат како добри хигиеничари, ги казнувале од плата мислејќи дека со тоа ќе се повлечат малку или народски кажано да „кренат рачна“.

„ Но денеска мислам дека живееме во најстрашниот и најрепресираниот период од постоењето на нашата држава, мислам на новото постоење од распадот на Југославија па навака. Начините на кои се делува денеска се толку софистицирани и репресивни, што дури мојот ум не може да ги смисли тие работи. Имам пријатели кои ме опоменувале, ми давале сигнали „ви се спрема тоа и тоа“ или „може да ви се случи тоа и тоа“, а јас им велам „ти си човеку со болен ум, не е можно такво нешто“. Сега кога ќе ги сумирам сите работи, случувања и крајниот резултат или што би рекол Васко, кога ќе преброиме мртви и ранети, на крај гледаме дека стварно нешто страшно се случува. “, вели Каров..

Не верувал дека уметниците сопствениот уметнички интегритет ќе го стават во функција на политиката, на некоја партија за мандат од 4 или 6 или 8 години или доживотен мандат.

Според Каров 70 насто од телевизиите во Македонија не работат по нормален концепт.

„ Тоа што тие остануваат во игра и што финансиски се одржуваат е благодарение на
.тоа што владата ги финансира оние што сака да ги финансира и благодарение што зад секоја поголема телевизија стои поголема фирма која може да си дозволи да финансира телевизија, а тоа го знаеме сите, до скоро немаше ниту една телевизија која работи рентабилно. Не може во една држава која има два милиона народ да има, сега не ја знам точната бројка, ама мислам дека се околу 300 медиуми од кои 100 се телевизии, а 200 радија “, вели во интервју за Радио Слободна Европа, Бубо Каров.

Каров има рецепт за излез од кризата.

„Најодговорно тврдам дека во Македонија толку едноставно се решава работата од повеќе причини, само треба добра волја на моментално „зајадените“ две партии. Значи прво на оваа партија што е на власт, па потоа на опозицијата. Еве, ако успеат да се договорат, да се тргнат на страна и да се договорат да направат конкурс или тендер сега по модерно, да направат тендер за управител на Република Македонија. Пред некој ден имавме таков скеч дека има некој странски инвеститор кој е заинтересиран да дојде во Македонија, сака да вложи 5 милиони евра, меѓутоа има еден услов – да се распушти Парламентот, да се распушти Владата, да се распуштат сите институции, да остане само тој и тој да ја среди државата на ниво на јавно претпријатие. Во светот има холдинзи кои имаат повеќе вработени отколку што има жители во Република Македонија. Јас ви гарантирам дека еден поуспешен директор на стоковна куќа од Кина, многу полесно ќе направи попис на населението во Македонија, отколку што кај нас се прави пописот. Ние не можеме да спроведеме попис, бидејќи ние не правиме попис, ние го штимаме. Нас ни требаат штимери, не ни требаат попишувачи и ако нема добар штимер, пописот ќе биде неуспешен. Верувајте дека еден успешен менаџер, јас мислам дека и во државата имаме такви, дури мислам дека и во владата има такви луѓе кои што можат да ја изменаџираат државата, под услов да не работат под никаков притисок, под никакви закани, под услов да работат онака како налагаат најнормалните деловни услови за работење“, објаснува Каров.

Би можело да ве интересира

Томовска: Мерката за исплата на регресот за годишен одмор е проблем за правниците, нема законски утврден минимален износ

Во буџетот за 2022 не се планирани пари за исплата на К-15 за јавниот сектор, вели Бесими

Ана Ололовска

НСОН: Зошто секторот образование е изземен за „К-15“

Драган Поповски

Царовска смета дека нема ништо спорно во исплатата на К-15 предвидена со колективниот договор за администрацијата

Ана Ололовска

Последен ден за исплата на регрес за годишен одмор

Хесиншки комитет регистрира исплати на К-15 од 1.000, 500 и 100 денари

Ана Ололовска