По пишувањето на одредени медиуми за денешната несреќа во која загина параглајдерист од Унгарија дека на возилото на брзата помош и било потребно околу педесетина минути да пристигне до местото на несреќата, А1ОН се обрати до директорот на Здравствен дом – Охрид, Митко Дабески.
Тој ги демантира наодите во дел од медиумите и потенцира дека се било документирано и регистрирано.
Некои медиуми објавија дека медицинската екипа пристигнала за 50 минути. Тоа апсолутно не е точно. Се е документирано и регистрирано. Повикот е регистриран во 12:25 часот, а екипата која претходно имаше повик за интервенција за друг случај и се наоѓаше кај хотелот Славија е пренасочена и веднаш е тргната кон местото каде починал параглајдеристот. За нецели 20 минути пристигнала во кампот кај Љубаништа каде била упатена покрај езерото каде што бил паднатиот параглајдерист. Тој паднал во вода, на околу 40 метри од брегот каде го извадиле спасувачите на плажата во нивно кајче. Кога пристигнала екипа за брзата помошконстатирала дека пациентот е мртов и не давал знаци на живот, но е интервенирано со реанимација по што параглајдеристот не давал знаци на живот. На крај во 12:57 констатирана е смрт. Констатацијата е по обидот за реанимација – изјави Митко Дабески за А1ОН.
Претходно пак, во изјава за медиумите, претседателот на Црвениот Крст од Охрид, Сашо Точко рече дека екипата на итната медицинска помош пристигнала за повеќе од половина час со оглед на раздалеченоста и гужвата по патот. Тој информираше дека на плажата во Љубаништа има двајца спасители на Црвениот Крст кои околу 12:15 виделе како параглајдерист, најверојатно заради дефект на леталото, нагло почнал да паѓа од преку 200 метри висина. Параглајдеристот паднал на околу педесетина метри од брегот, а по интервенцијата на спасителот и дел од посетителите на плажата тој бил извлечен на копно по што започнала интервенција за укажување прва помош.
Повредениот бил во свесна состојба, од време на време губел свест, интервенирано е онака како што треба, а пријавено е веднаш во службата за итна медицинска помош која што стигна малку повеќе од половина час, соодветно на раздалеченоста и гужвата по патот. Лицето кое е родено во 1975 година и е од Будимпешта, за жал подлегна на повредите – рече Точко во денешната изјава за медиумите.
Мобилните екипи на брзата помош во должината на Охридското Езеро се неопходни, посебно во летниот дел кога во Охрид присуствуваат голем број на туристи. Повеќето несреќи кои се случиле во изминативе години треба да бидат аларм за надлежните институции. Директорот на Здравствен дом, Дабески рече дека немале мобилни екипи, но во текот на летната сезона работеле со три екипи, а дежурна била амбулантата во Пештани каде од 8 до 15 часот имало дежурна екипа. Познавајќи ги должината, но и условите на патот од Охрид до Св. Наум каде се простираат најголемиот дел од плажите, неприсутноста на мобилни екипи на целиот тој реон ќе го отежнуваат процесот на справување со вакви и слични несреќи.
Ф.Ј.