Денеска во 12 часот, пред Основното јавно обвинителство, група граѓани ќе протестираат против како што велат, прогонот на Моника Ристеска. Тие велат дека пристапот на судијата кој на активистката Ристеска и одреди триесетдневен притвор е ригиден и неприфатлив.
„Ги повикуваме сите слободоумни граѓани и оние кои се, но и оние кои не се уживатели на канабисот да дојдат на протест пред Основното Јавно Обвинителство-Скопје во 12:00 часот. Целта е да го изразиме нашето незадоволство и да ја искажеме нашата поддршка за неправедно затворената Моника“, пишува во најавата на социјалните мрежи која ја објави здружението „Билка“.
Слоганот на протестот е „И јас сум Моника, апсете ме“.
Новинарот Борјан Јовановски на својот фејсбук профил напиша дека со џоинт ќе протестира пред Основното јавно обвинителство поради притворот на активистката Моника Ристеска.
„Драги пријатели, сите кои конзумирате канабис ве повикувам утре на пладне секој со својот џоинт да се собереме пред ОЈО. Притворот за луѓето кои уживаат канабис е недопустлив во ова време кога цел цивилизиран свет го легализира уживањето на марихуаната! Притвор за криминалци Слобода за слободољубци. Правда за @monikakonopova“, напиша тој.
Активистката Моника Ристеска доби 30-дневен притвор, откако претходно беше изведена пред судија на претходна постапка. Таа е спроведена во затворот во Шуто Оризари. Судот ја прифати мерката за обезбедување присуство која ја побара Обвинителството.
При претресот во нејзиниот дом, полицијата пронашла 30 милилитри масло од канабис и 15 грама канабис.