Експремиерот Никола Груевски ниту побарал, ниту, пак, бугарската страна му издала пасош, изјави бугарскиот премиер, Бојко Борисов, за време на заедничката прес-конференција со претседателот на македонската Влада, Зоран Заев.
„Тоа е 100 проценти лажна вест“, рече Борисов, коментирајќи ги информациите што завчера излегоа во дел од медиумите дека Груевски со бугарски пасош побегнал во Унгарија.
Претседателот на бугарската влада во својата изјава ја нагласи зголемената соработка помеѓу двете земји, перспективите за нејзино продлабочување и го нагласи поврзувањето на двете земји во повеќе области, како што се културата, образованието и економијата, како исклучително значајно.
Од своја страна, македонскиот премиер Зоран Заев рече дека имаат блиска пријателска средба со Борисов и двете земји се пример за новата реалност на Балканот.