Борел: Пристапните преговори со Северна Македонија се вистинската одлука на ЕУ, честитки и за членството во НАТО

Од:

Зад сите нас е една многу тешка недела во која на насловните страници и во нашите мисли доминираше пандемијата со коронавирусот и глобалните последици од неа. Оваа ситуација засени и една важна одлука што не го доби заслуженото внимание. Среде кризата со коронавирусот, Европската Унија одлучи да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Ова се добри вести за двете држави, за Западниот Балкан и за цела Европа.

Ова го истакна високиот претствник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел по повод одлуката на ЕУ донесена минатата недела да започне преговори за пристапување со двете земји.

– Со донесувањето на оваа важна одлука во вакви тешки времиња, ЕУ постигна напредок во едно навистина важно политичко прашање и испрати јасен сигнал и јасна порака за Западен Балкан. ЕУ покажа дека е обединета во однос на една од нејзините приоритетни политики и го направи тоа додека се справува со глобална криза. Одлуката навистина е „зрак светлина во темницата што нè опкружува, како што кажа мојот почитуван колега и министер за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, коментирајќи ја одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, нагласува Борел.

Побаравме, вели тој, многу од двете земји и тие го исполнија тоа. Сега, додава, и ЕУ ја донесе вистинската одлука од наша страна. Ова е охрабрувачка порака дека напорната работа и вистинското лидерство од двете страни даваат резултати.

– Во истата насока, сакам да ѝ честитам на Северна Македонија за тоа што стана 30 земја членка на НАТО оваа недела. Ова е важен чекор, кој дополнително ги консолидира европската и трансатлантската безбедност. Со нетрпение очекувам да работиме заедно и во рамките на соработката меѓу ЕУ и НАТО, нагласува Борел.

Според него, со почетокот на пристапните преговори, пред нас има многу работа и отворањето на преговорите беше само првиот чекор на еден интензивен процес. Треба да се направат, вели Борел, длабоки социјални, политички и економски реформи пред чекорот до полноправно членство. За овие трансформации природно е потребно време и труд, но важно е, подвлекува Борел, „зракот светлина“ за две дополнителни земји да го охрабри и преостанатиот дел од регионот да го направи тоа што е потребно и да ја следи патеката на реформите, а за доброто на граѓаните на Западен Балкан.

– Во вакви времиња, кога сите се бориме со невидена криза и нејзините последици, треба да покажеме што навистина значи европската и глобалната солидарност. Солидарноста не смее да биде само збор што го употребуваме без никакви обврски. Солидарноста мора да се докаже со дела. Во ЕУ, земјите членки покажуваат солидарност со тоа што некои од нив примаат пациенти од преполните болници од други земји членки, како и со делењето лична заштитна опрема меѓу себе. Се одвива и заедничка работа, за да се осигури репатријација на граѓани заглавени низ светот. А не ги забораваме ни луѓето од Западен Балкан, нагласи шефот на европската дипломатија.

Тој потсети дека оваа недела ЕУ најави пакет на билатерална финансиска помош за сите шест партнери во регионот.

– Ќе обезбедиме до 38 милиони евра за директна помош за справување со ситуацијата поврзана со Ковид-19. Со овие пари ќе се купуваат респиратори, маски и друга медицинска опрема, се плаќаат летовите за достава на помош и се покриваат нужните потреби на луѓето. Дополнително, ЕУ одлучи да го поддржи регионот со прераспределба на 374 милиони евра за социјално и економско закрепнување на регионот по завршувањето на критичната ситуација. Ова значи спасување работни места, бизниси, општествени придобивки, значи да им се дозволи на луѓето да продолжат со своите животи откако ќе ја надминеме оваа пандемија, рече Борел.

Тој ги претстави и конкретните детали за директната помош на ЕУ за здравствените сектори на индивидуални западнобалкански земји и поддршката за социјално и економско закрепнување, од кои С.Македонија ќе добие 66 милиони евра – 4 милиони евра за директна поддршка за здравствениот сектор, 62 милиони евра за социјално и економско закрепнување.

– Западен Балкан може да смета на солидарноста на ЕУ. И тоа не само во времиња на криза. ЕУ е главен донатор, инвеститор и трговски партнер на Западен Балкан. Од 2014 година, ЕУ додели повеќе од 1 милијарда евра како поддршка на луѓето од Западен Балкан. Ова се важни факти што ја докажуваат вклученоста на ЕУ во регионот и нејзините напори за борба против вирусот, како во ЕУ така и надвор, вклучително и во Западен Балкан. Ова е време кога треба да станеме сериозни во врска со солидарноста и соработката. Треба да работиме рамо до рамо, солидарно, поддржувајќи се едни со други, бидејќи никој не може сам да се справи со моменталната ситуација, нагласи шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.

Би можело да ве интересира

Претседателката Сиљановска Давкова ја прими Радмила Шекеринска, новоизбраната заменик-генерална секретарка на НАТО

Трамп го номинираше Метју Витакер за американски амбасадор во НАТО

Мицкоски: Немавме никаква дилема да ја поддржиме Шекеринска, и се јавив уште вчера

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било

Прва земја од регионот – потписник на Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија

А1он

Шекеринска е нов заменик генерален секретар на НАТО

Катерина Ѓуровски