Болоњски процес: Во Хрватска го критикуваат, кај нас нема анализи

Од:

Наспроти дискусиите и анализите во земјите од регионот за успешноста на Болоњскиот процес на студирање, во Македонија се уште нема темелна анализа за позитивните и негативните аспекти од новиот начин на студирање. Откако е потпишана Болоњската декларацијата во 2003 година, се спроведуваат реформите во високото образование, но уште нема сеопфатни анализи кои би ги претставиле предностите и проблемите на овој вид образовен процес.

Во регионот, а особено во Хрватска се повеќе се отвора прашањето за тоа колку е успешен Болоњскиот процес. За полемиките околу можноста за укинување на Болоњскиот систем во Хрватска, неделава пишуваше весникот „Јутарњи лист“. Консултираните професори говорат за недостатоците на овој систем во хрватското образование. Велат дека проблемот со „Болоња“ е тоа дека, всушност, овој процес кај нив го нема. Најголемиот дел од вината е кај двете законски одреби, односно онаа која некогашните четиригодишни студии ги изедначува на степенот магистер и онаа која за додипломските студии издава сертификат наместо диплома.

Идеjата на Болоњскиот систем е да го скрати времето на студирање и да ја зголеми мобилноста на студентите во странските и домашните универзитети. Ова реформирање на поголем број млади треба да им овозможи образование кое им е потребно на пазарот на трудот.

Од Министерството за образование на Македонија не даваат конкретен одговор дали има темелна анализа за приодбивките, но и лошите страни на овој процес. Објаснуваат дека во рамките на овој процес на секои две години се одржуваат министерски конференции од кои произлегуваат коминикеа во кои се сумираат постигнатите резултати од претходно договорените препораки, а со тоа се усогласуваат понатамошните правци за развој. За овие конференции се подготвуваат национални извештаи во кои се сумираат постигнатите резултати од претходните коминикеа.

Болоњскиот процес со системот 3+2 (или интегрираните студии 4+1) е воведен за да им обезбеди на студентите по три години бечелор диплома со која тие се подготвени за вработување. Продлабочувањето на знаењето и посериозното занимавање со наука треба да е цел на постдипломските студии. „Јутарњи лист“ забележува дека во моментов во Хрватска речиси сите завршуваат магистерски студии, со што се намалува квалитетот на високото образование.

И во Македонија, по воведувањето на овој систем на судирање се забележува зголемен број на студенти кои завршуваат магистерски студии. Во 2012 година, според податоците од Државниот завод за статистика, со звањето магистер на науки и специјалист се стекнале 1.568 лица, што претставува зголемување за 21,2% во споредба со 2011. Овие податоци, неизбежно го наметнуваат прашањето дали и кај нас, како во Хрватска, се намалува квалитетот на високото образование.

„Болоњскиот процес, како што кажува и самиот негов назив, е процес кој се развива и надоградува согласно општествените потреби и движења, а не однапред подготвена директива и во рамките на таа негова димензија се довораат правците на развој во кои Република Македонија е активен учесник“, објаснуваат од МОН.

„Јутарњи лист“ ги пренесува ставовите на професорите кои заклучуваат дека денес студентите во Хрватска подолго време студираат, професорите се затрупани со бирократија поради ЕКТС бодовите, а мобилноста не е значително зголемена. Ситуацијата во Македонија е слична, па многу пати студентите полагаат испити без да се сретнат со професорот, преку тестови, семинарски и есеи кои се централен дел од процесот. И кај нас, исто како во Хрватска, се поставува прашањето дали тестот кај сите предмети може да е еднакво реален, односно дали тој е релевантна методологија во полагањето на испитите?

Доколку со претходниот образовен систем беше тешко само да се положи испит со најниска оценка, денес со Болоњскиот систем студентите преку присуство на предавања и неколку семинарски имаат преодна оценка, односно шестка.

Болоњскиот систем беше воведен во Македонија во 2003 година. Со Законот за високо образование универзитетите почнаа да воведуваат ЕКТС како и да ги уредуваат наставните и студиските програми во согласност со Болоњските принципи. Според тоа, дипломираните студенти со три години добиваат диплома за завршени додипломски студии (Bachelor). Ако решат да ги продолжат студиите по две години се здобиваат со звањето магистер, а потоа ако студираат уште три години стануваат доктори на науки.

Темјана Поповска

Би можело да ве интересира

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

МОН: Поради голем интерес до 25 декември може да се аплицира за финансиска поддршка за учениците