Родителите на второодделнците се спротивставија на кадровските решенија на директорката на скопското ОУ „11 Октомври“ и не ги пуштаат децата на настава се додека не ги врати досегашните наставнички.
Тие за А1он тврдат дека на конкурс примила нови наставнички на местото на оние на кои им завршувале договорите. Тоа им го соопштила на родителите во петокот, минатата недела, но тие ја предупредиле дека менувањето на одделенска наставничка на сред училишна година е безобразно и дека нема да го почитуваат ваквиот потег. Родителите новите вработувања ги пријавиле и во инспекциските служби бидејќи не биле почитувани законските процедури.
-Не е испочитуван законскиот рок од осум дена за жалба на решението. Во четртокот е разрешената досегашната одделенска наставничка, а во петокот и е дадено решение на новата одделенска наставничка, без да се испочитува рокот од осум дена за жалба. Во петокот дојде до компромисно решение, откако се заканивме дека ќе заминеме при претставувањето на новата одделенска наставничка. Но денеска повторно ја донесе истата, иако нема едукација за програма по Кембриџ. Директорката на тоа одговорила дека за два дена ќе ја обучела. Поради ова шеесет деца од второ одделение денеска не се на училиште и нема да одат ниту утре, ниту понатаму, се додека трае самовилието на директораката, рече родител за А1он.
Тие велат дека ова е врв на безобразитето и самоволието, со оглед дека едно од оделенијата добива шеста по ред одделенска наставничка.
Пред два месеци во ОУ „11 Октомври“ беше распишан оглас за избор на нов директор. Членови од Училишниот одбор испратија допис до градоначалникот Андреј Жерновски и до Советот, во кое ги известија за незаконитости и пропусти во постапката за избор.
Покрај пропишаниот начин на одлучување, донесување на одлуките со мнозинство од вкупниот број на членови на Училишниот одбор, што подразбира дека еден член има право на еден глас за еден кандидат, во текот на постапката претседателот на УО, како што посочија дел од членовите, дозволил секој член да гласа за повеќе кандидати, со што вкупниот број на дадени гласови неколку пати го надминал бројот на присутни членови. Во случајов за кандидатите, од вкупно 9 членови на УО имало по 10 гласови.
Градоначалникот, поради незаконитостите и непочитување на Правилникот, одби да даде предлог за нов директор од двајцата номинирани. По ова, министерот за образование, назначи директор кој сеуште е на таа позиција.
Советот го повика Жерновски да ја разгледа ситуацијата и да предложи мерки за разрешување на настанатиот проблем.