Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија, остро реагира на изјавата на Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница, кој напиша дека ВМРО-ДПМНЕ ја измислува ин витро нацијата Македонци-муслимани.
Бојда вели дека Реџепи одработува за службите на ДУИ и ДПА и со ова извршил директен напад на македонската заедница.
„Ако ова го кажеше некој атеиста, можеби и би можел да го разберам, ама кога ова го кажува свештено лице, поглавар на ИВЗ, тогаш јас би го прашал дали тоа значи дека и Албанците муслиманството го примиле ин витро. Целта на овие негови тврдења е друга, а тоа е да се расцепи македонската заедница. Ова не е напад на Македонците муслимани, туку директен атак на на македонската национална припадност. Што ако утре се јави некој католички свештеник и истото го каже за Македонците католици? Дали и покојниот претседател на Македонија Борис Трајковски беше ин витро протестант? Поглаварот на ИВЗ треба да се вразуми и да разбере дека во џамијата влегуваат муслимани, а не Албанци. Ние сите сме браќа муслимани по вера”, вели во изјавата за МКД.мк, Исмаил Бојда.
За него сето ова е само дел од една смислена стратегија на ИВЗ со која Македонците-муслимани треба да се одвојат од своето национално македонско ткиво.
„Се плашам дека реисот, кој е на чело на верската заедница што се грижи за верскиот живот на муслиманите во земјава, ќе даде налог до своите имами да почнат да држат проповеди дека не постојат Македонци-муслимани, туку само Торбеши. Еден духовник не може така да настапува кога е во прашање нечие национално чувство”, вели Бојда за МКД.мк.