Благој Нацоски ја поздрави мерката на Османи: Ќе ја користам „МКартата“ за брза лента на нашите аеродроми

Од:

Македонскиот тенор Благој Нацоски, кој живее и работи во Италија, е еден од добитниците на „МКарта“, што ја доделува министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како картичка за идентификација на успешни нашинци од дијаспората.

„А1он“ стапи во контакт со оперскиот пејач Нацоски, кој ја поздрави идејата за воспоставување „МКарта“, која, според него, не носи привилегии, туку е признание на симболичен начин.

„Пред сè, идејата за воспоставување ‘МКарта’ е апсолутно за поздравување и мислам дека барем засега се работи за признание на работата на еден симболичен начин. Оние поволности што се споменуваат не може да се сметаат за некакви привилегии бидејќи не се работи за ‘Хитроу’ во Лондон, ‘Шарл де Гол’ во Париз, ‘Џ. Ф. Кенеди’ во Њујорк, односно аеродроми со милиони патници. Колку што ми е познато, намерата е сите носители на ‘МКартата’ да бидат на некој начин поврзани во еден вид мрежа, односно лоби што (ќе) работи за Македонија“, истакна Нацоски за „А1он“.

Тој ќе ја користи „МКартата“ за брз премин на македонските аеродроми затоа што со години користи таква привилегија на светските аеродроми поради честите патувања, но нема да ги користи привилегиите за бесплатен влез во културните институции.

„Јас веќе со години на сите аеродроми во светот поминувам низ т.н. Fast Track (имам други ВИП-картички, кои не се издадени од Македонија) и имам апсолутна потреба од тоа патувајќи постојано и вршејќи дејност која бара психофизичка свежина. Што се однесува до бесплатен влез во разни културни институции, јас доста сум чувствителен на таа тема, така што мојот билет ќе биде секогаш еден финансиски придонес за нив, односно за културата“, рече Нацоски.

За македонската јавност, минувањето на брз премин на аеродромите со оваа „МКарта“ значи дискриминација за бремените жени и за лицата со посебни потреби. Македонскиот тенор Нацоски вели дека не знаел оти не постои брза лента за бремени жени и смета дека е дискриминирачки што самите аеродроми направиле таков пропуст.

„Најискрено, не знаев дека не постои брза лента за бремени жени и за лица со посебни потреби на македонските аеродроми. Сметам дека секако е дискриминирачки, но во никој случај тоа нема врска со ‘МКартата’, туку со тоа кој одлучува за овие нешта на самите аеродроми. Не ми е јасно како во изминатите 95 години постоење на скопскиот аеродром, односно 70 години на охридскиот, никој не го иницирал ова прашање, навистина срамота“, додаде Нацоски за „А1он“.

Давањето картичка за идентификација, како „МКартата“, на успешните македонски граѓани од дијаспората е почит кон нив и нивните дела, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за списокот од 69 истакнати поединци, кои ќе може да користат брза лента на двата македонски аеродрома, во Скопје и во Охрид.

Меѓу носителите има научници, лекари, бизнисмени, културни работници, политичари и инженери, како кошаркарскиот тренер Заре Марковски, д-р Иво Бошковски од клиниката во Рим, д-р Димитар Ефремов, научник од областа на хематологијата, и ендокринологот Горан Петровски од Катар.

Но, на списокот има и контроверзни личности за кои јавноста нема позитивно мислење, како што е името на бизнисменот Ристо Гуштеров, кој како дел од раководниот кадар во државната „Технометал“ стекна големо богатство во периодот на транзицијата. На изборите во 2011 година се обиде да стане пратеник преку партијата Достоинство.

На списокот за успешен во дијаспората е и поранешниот министер за странски инвестиции во една од владите на Никола Груевски, Глигор Ташкович, кој пред две години беше осомничен дека бил дел од голема измама вредна 45 милиони долари. Наводно, група луѓе, во кои бил и Ташкович, се обидувале да ја искористат пандемијата на Ковид-19 и да им продадат на градските власти милиони заштитни маски Н95 по многу повисока цена од продажната.

Би можело да ве интересира

Османи: На затворена седница ќе презентирам информации за Бањска, а Владата ќе одлучи за натамошно учество во „Отворен Балкан“

Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница, важно е Србија да гласа дека имало геноцид

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Османи: Никогаш не сме биле поблиску до Трета светска војна

Орце Костов

Османи: Дел од фабрика на лажни вести во ВМРО-ДПМНЕ е дека постои документ од ЕК потпишан од 25 членки за важење на старите документи

Османи: Се залагам за еднаква држава за сите

Орце Костов