Битка да се спаси бебе со комплетно нарушен имунитет на Детска клиника, полиција ги смирувала родителите кои ги нападнале лекарите

Од:

На социјалните мрежи попладнево се споделува видео од бебе кое едвај дише сместено на Клиниката за детски болести во Скопје. На снимката родителите се жалат дека три недели барале помош за бебето кое фатило болнички бактерии и состојбата многу му се влошила, а лекарите им кажувале дека таква состојба била очекувана. Се жалат на односот и на обезбедувањето кое и на снимката се гледа дека бара таткото да излезе од болницата, а тој пак се жали дека не му дозволуваат да остане во болница иако мајката има температура и не може да се грижи за бебето кое шест месеци е во болница.

Од Детската клиника потврдија дека денес имало инцидент со таткото на бебето поради што морале да викнат и полиција. Клиниката попладнево преку соопштение извести дека станува збор за комплексна ситуација и нагласија дека имаат целосно разбирање за болката на родителите на кои последниве шест месеци, колку што трае лекувањето на бебето, постојано им помагаат.

„ Мајката на бебето, во четвртиот месец од бременоста заболела од варичела. Направени се тестирања за можни последици по плодот, коешто семејството никогаш не ги подигнало. И покрај познатите медицински оправдани,стравувања по евентуални последици по плодот, мајката  решила да го роди детето, без разлика на последиците. Токму како последица од варичелата, бебето се родило со комплетно нарушен имунолошки систем, односно неможност да се одбрани од бактерии ниту вируси.  Колку е ослабен имунитетот покажува и фактот дека од самото раѓање детето било само неколку дена дома во рок од шест месеци. Направени се сите современи испитувања што само ја потврдуваат дијагнозата дека детето е родено со последица од варичелата додека мајката го носела плодот“, велат од Клиниката.

Тврдат дека грижа за бебето има постојано но неговата состојба се менува секојдневно. На располагање им биле докторите на Клиниката кои досега повеќе пати отворено разговарале со родителите за состојбата на бебето.

„И покрај тоа секојдневно се врши притисок на персоналот на болницата, проследени со разни навреди, закани по живот и  агресија која кулминираше денеска кога обезбедувањето на Клиниката мораше да повика и полициска асистенција. Како здравствени работници, но и како луѓе, родители, ја разбираме нивната борба за сопственото дете, но не ја разбираме потребата од психичко и физичко насилство врз оние кои деноноќно се борат за животот на нивното дете “, велат од Клиниката.

Од таму велат дека во ниту еден момент не ги спречиле родителите да бараат второ мислење за состојба на бебето, како што ги обвинуваат на социјалните мрежи.

Бебето кое на снимката од денес е во соба, вечерва е сместено на интензвина нега на Детската клиника.

Би можело да ве интересира

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Како била лекувана Срна на Детската клиника: Родителите обвинуваат, докторите велат дека е сторено се што е потребно

Александар Тодески

Детска клиника: Ревизијата е за 2022 година, за 2024 ќе се обезбеди трикафта за сите

Орце Костов

Трикафта има само за 15 од вкупно 140 пациенти со цистична фиброза

Орце Костов

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада