Битиќи: Нова манипулација на Мицкоски за БДП, со инфлација од 5,7% животниот стандард паѓа

Од:

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, обвини дека Владата и премиерот Христијан Мицкоски ја претставуваат економската состојба преку „селективно толкување на статистичките податоци“, посочувајќи дека растот на БДП не се одразува врз животниот стандард на граѓаните.

На прес-конференција, Битиќи рече дека владините тврдења за висок економски раст не ја отсликуваат реалната состојба со која се соочуваат граѓаните.

„Премиерот прво ја прогласи Македонија за трета најбрзорастечка економија во Европа, а потоа зборуваше за место меѓу првите пет земји според растот на БДП. Но, од една статистичка бројка се создава економска бајка, додека граѓаните живеат во сосема поинаква реалност“, рече Битиќи.

Тој посочи дека според податоците на Државниот завод за статистика, БДП во првиот квартал пораснал за 3,1 отсто, но истовремено финалната потрошувачка учествува со 86,4 отсто во структурата на БДП.

Според него, растот е поттикнат главно од потрошувачката во услови на висока инфлација, а не од реално зголемување на животниот стандард.

„Ако БДП расте за 3,1 отсто, а инфлацијата изнесува 5,7 отсто, тогаш цените растат побрзо од економијата. Граѓаните трошат повеќе пари, а купуваат помалку производи“, изјави Битиќи.

Тој оцени дека владата не зборува доволно за растот на цените на храната и безалкохолните пијалаци, кои според него се повисоки за околу осум проценти на годишно ниво.

Осврнувајќи се на индустриското производство, Битиќи рече дека априлскиот раст од 7,6 проценти не ја менува сликата за целокупните резултати во првите месеци од годината.

„Во јануари индустриското производство беше во пад од 6,6 проценти, во февруари за 4,2 проценти, а за првите четири месеци растот е само 0,2 проценти. Тоа повеќе наликува на стагнација отколку на индустриски подем“, рече тој.

Битиќи додаде дека бројот на вработени во индустријата е намален за 2,3 проценти во април, односно за три проценти во првите четири месеци од годинава.

Тој се осврна и на градежниот сектор, кој бележи раст од 7,2 проценти, но посочи дека цените на становите во Скопје во првиот квартал се зголемени за 16,7 проценти на годишно ниво.

Според Битиќи, бруто-инвестициите пораснале за само 1,8 проценти, додека странските директни инвестиции се намалиле од 269,9 милиони евра во последниот квартал од 2025 година на 218,6 милиони евра во првиот квартал од 2026 година.

Тој предупреди и на растот на јавниот долг, наведувајќи дека со новото задолжување од 260 милиони евра, долгот се приближува до 11,1 милијарди евра.

„Раст на БДП кој се потпира на инфлација не носи развој, раст кој се потпира на долг не носи сигурност, а раст кој не ја зголемува куповната моќ на граѓаните не може да се смета за успех“, порача Битиќи.

Би можело да ве интересира

До крајот на месецов ќе почнат разговорите за реконструкцијата на Владата

Помислив дека е нешто од рубриката „верувале или не“, вели премиерот за антикорупцискиот закон на СДСМ

ВИДЕО: Немам намера да поддржам авантура без извесен крај, Мицкоски пред средбата со Кошта

Катерина Ѓуровски

Антонио Кошта денеска во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски

Мицкоски: Предизвиците во енергетската криза да ги претвориме во наша можност

А1он

(ВИДЕО) Филипче: Мицкоски нема капацитет да води држава

Катерина Ѓуровски