„Ама девојче, јас немам каде да одам. Знам дека е полициски час, но овие неколку кеси се сè што имам. Дом немам. Она што можам да го направам е само да се тргнам од клупава“, ни рече бездомникот кого денеска го затекнавме на улицата „Рузвелтова“ во Скопје, првиот ден откако почнаа да се применуваат порестриктивните мерки на Владата за справување со коронавирусот, а полицискиот час беше продолжен и почнува од 16 часот и завршува во 5 часот наутро.
Да се гледа Скопје празно преку ден, додека има сонце, a денот е преубав, е навистина чудно. На улиците можат да се видат едвај дваесетина автомобили и полициски патроли на секоја раскрсница. Речиси и да нема возило кое не се запира.
„Засега сите лица кои ги затекнавме по улиците имаа дозвола за движење“, ни рече полицаецот на улицата „Илинденска“ се додека не виде еден постар човек како мирно и полека се движи по улицата.
„Знам, еве, одам накај дома веднаш“, му рече човекот.
Кога полицаецот го праша каде бил и дали има дозвола, на неговото оправдување беше тешко да се поверува.
„Бев во болница, нешто ми се слоши, ама сега сум во ред и ќе одам дома“, му рече тој на полицискиот припадник, палејќи цигара.
Не останавме да го видиме исходот, но беше јасно дека полицијата немаше намера да го пушти туку така да си оди дома, па останаа со него да го довршат разговорот.
Кучињата буквално го владеат скопскиот плоштад. Без буквално ниту еден човек и катанци на секоја продавница, тие мирно одмораа на сонцето кое тукушто почна да заоѓа. Полека ќе ја кренеа главата, изненадени што поминува човек, а потоа ќе ја продолжеа дремката.
Во Градскиот парк ситуацијата беше слична, само што овојпат „владението“ го имаше една мачка која гордо шеташе од едната на другата страна од таканаречената „Школка“ – сите клупи беа нејзини.
Додека шетавме низ населбите, чувството беше како да има луѓе околу вас, бидејќи од сите страни се слушаа гласови. Но, ако ја креневте главата нагоре јасно беше дека немаше човек што не беше излезен на терасите, користејќи го пролетното сонце, па очигледно беше дека терасите ќе бидат новите домови каде што луѓето ќе го поминуваат денот, додека трае полицискиот час.
Чудно е да се видат празни и дежурните аптеки.
„Нема никој, ракавиците ги распродадовме, маски имаме, дезинфикциони средства имаме, но ретко кој доаѓа да купува во ова време“, ни рече фармацевтката која ги тргна ракавиците од рацете.
„Погледнете какви рани имам. Сега барем конечно ќе можам да ги одморам рацете“.
Ја фативме и крајот на смената на првиот продолжен полициски час. На двајца полицајци им заврши смената и дојде нивната замена. Веднаш се фатија со работа.
„Ние не наидовме на ниту едно прекршување. Ќе видиме колегите што дојдоа дали ќе детектираат прекршувања“, ни рече полицискиот припадник од првата смена.
„До колку часот ќе останат тие?“, прашавме.
„До седум изутрина ќе бидат на улица“, ни рече полицаецот.
И вака најверојатно ќе поминува секој ден, а за викендот со уште поостри мерки. Граѓаните ќе бидат во своите домови точно 61 часа – од петок од 16 часот до понеделник до 5 наутро. За своето здравје и за здравјето на останатите, улиците во државата повторно ќе бидат во владение на дежурните полициски екипи, бездомните луѓе, бездомните животни, на оние кои имаат дозвола и оние кои имаат нужна потреба да излезат од своите домови за да одат на лекар или во аптека.