Бесими: Составот на ЕП одраз на политичката, економската и безбедносната криза

Од:

Резултатите од последните избори за Европарламентот се само одраз на политичката, економскта и безбедносната криза што се случуваа во Европа изминатите неколку години, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими на тркалезната маса „Европските перспективи на Западен Балкан по изборите за Европскиот Парламент“ што се одржа на Универзитетот во ЈИЕ.

-Ваков институционален замор во ЕУ се јави и пред десет години по последното големо проширување кога се зголеми и евроскептицизмот. Со ова не сакам да ги релативизирам состојбите на овој план по последните случувања бидејќи очигледно е дека во европарламентот сега има партии што се поконзервативни во однос на проширувањето на овој процес, но ние остануваме на ставот дека зачленувањето во ЕУ е наш приоритет и приорите на земјите од Западен Балкан бидејќи тоа е најдобрата алтернатива за сите нас што гарантира мир и стабилност повеќе од една деценија во регионот и остава можност за развој на економијата, образованието и привлекување на странски инвестиции, рече Бесими.

Ја повтори реченицата на еден од основоположниците на ЕУ Роберт Шуман дека во бурни времиња не треба да се менува курсот што за балканските земји недвосмислено е зачленувањето во ЕУ.

За аналитичарот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски изборите покажале дека граѓаните на Европа не се препознаваат во она што им се нуди како европски концепт во кој една елита во Брисел толкува што е Европа како идеја и не остава други мислења.

-Не очекува еден условно кажано див европски парламент во кој ќе има 120 членови како Најџел Фарад што беше досега од Велика Британија и кои во својата реторика ќе имаат остри, ксенофобични, растистички и националистички ставови кон земјите од Западен Балкан Македонија, Албанија, Косово, Србија и слично бидејќи од нивна перспектива нема големи разлики помеѓу овие земји. Има и најави дека нема да има комесар за проширување, но останува постоечкиот комесаријат што најверојатно ќе влезе во портфолиото на европскиот комесар за надворешна и безбедносна политика, што може да има и позитивни ефекти за Македонија ако на тоа место дојде личност со голем кредибилитет како што беше претходно Гинтер Верхојген, рече Боцевски.

Потпишување на договор со Бугарија за добрососедство е еден од чекорите што Македонија треба да ги преземе во овие услови, смета аналитичарот Сашо Клековски.

-Со потпишување на ваков договор за добрососедство се релаксираат односите меѓу двете земји, се покажува нашата подготвеност за добрососедска соработка и добар чекор во овој правец се заедничките собири и проекти на МАНУ и БАН (Бугарската академија на науките). Резултатите од европските избори имаат три важни фактори за нас: губењето на дел од подршката на Европската народна партија што може да значи мала корекција на нивното внимание кон внатре, а не за процесот за проширување, големиот успех на Партијата за независноста во Велика Британија што има евроскептични ставови и состојбите во соседна Грција каде ниту Сириза има мнозинство ниту Саматас има комотна позиција за некаква видлива промена на досегашната политика, смета Клековски.

Според професорот Блерим Река последните случувања може да доведат Западниот Балкан да не биде во центарот на политиката на ЕУ туку тоа да бидат случувањата во поранешните советски републики и нивните соседи односно фокусот да се префрли кон Ерменија, Молдавија, Грузија и слично.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Владата преку започнати проекти обезбедува средства за избори

Горан Наумовски

СДСМ: „Секој што е за Европа и демократија – за Мицкоски е талог“

Горан Наумовски

Мерц: „Не може проблемите на 21 век да се решаваат со буџет од 20 век“

СДСМ: Владата ќе потроши над 350.000 евра за промовирање на својата работа преку бугарска фирма

СДСМ: Дрскоста е одлика на оваа Влада, колку ги чини граѓаните Дејвид Гета имате обврска да кажете!

Горан Наумовски

Владата тврди: Осомничениот возач зел 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра

Горан Наумовски