Белгиец разоткрил македонска мрежа на креатори на лажни вести

Од:

Белгискиот „ловец на лажни вести“, Мартен Схенк, успеал да разоткрие мрежа на македонски граѓани кои шират лажни вести, и не станува збор за тинејџери од Велес, јавува дописничката на МИА во Брисел.

Мартен Схенк и вебсајтот „Nieuwscheckers.nl“ со месеци веќе трагаат по македонските мрежи на лажни вести кои се ппрославија“ за време на претседателската кампања во САД.

Светските медиуми беа тогаш преплавени со стории за македонски тинејџери од Велес кои пишувале лажни вести фокусирани на напади врз кандидатката Хилари Клинтон и Демократската Партија. Но, никогаш не се откри кој, дали и на кој начин стои зад нив.

Но, според Схенк, велешката линија не е воопшто во центарот на оваа мрежа.

Според неговите истражувања, кои денеска се на првите страници на сите белгиски медиуми, централна фигура на овој бизнис е припадник на АРМ, Слаѓан „Цаго“ Бојковски од Куманово. Бојковски тврди дека не е повеќе вработен во Армијата, но Схенк не успеал тоа да го потврди и сѐ уште вели дека има сомнеж.

Истражувањата на Белгиецот откриваат дека мрежата на Бојковски со години веќе креира лажни и бомбастични содржини на интернет кои започнале со стории за мотори и голи гради, но тоа не им носело доволно пари, објаснува Схенк. Па, така, набргу, Бојковски и неговите соработници се свртиле кон стории против муслиманите и разни теории на заговор, за педофилија и, се разбира, во полза на Доналд Трамп. Со една лажна вест заработувале околу сто евра дневно.

Схенк разработил софтвер наречен „Trendolizer“, преку кој може да следи кои стории на интернет стануваат вирални. Ако утврди дека сторијата е лажна вест, тој преминува на проверка на факти на неговиот вебсајт „Leadstories“. Благодарение на софтверот Схенк потоа разгледува од кој сервер се објавени вестите и најчесто успева да открие чии се серверите. Така тој лани разоткрил мрежа на лажни вести од Гана.

Македонската мрежа била и семеен бизнис. Со Бојковски работела и неговата сопруга, Наташа, чија слика може да се најде на лажни профили на Твитер како оној на некоја „Moly Anderson“ како што покажуваат принт-скриновите на Схенк. Преку неговиот софтвер, Белгиецот успеал да најде десетици профили кои ги споделувале истите лажни вести на интернет во исто време. Имињата на лажните профили се најчесто американски имиња како Џесика, Ема, Моли, Џони и повеќето од нив се сега веќе суспендирани. Суспендирани се и вебсајтовите на кои се објавувале лажните вести, како тапаинфо.ком или твртинфо.ком. Фотографиите употребени на профилите биле најчесто од балкански ѕвезди како Станија Доброевиќ или Викторија Лоба.

Слаѓан Бојковски на Твитер го користел својот прекар „Цаго“, со локација во Чикаго, и објавувал „микс на лажни и автентични вести“ објаснува Схенк. Овој налог во меѓувреме е суспендиран од Твитер.

Со Бојковски соработувале и негови пријатели од Куманово како Тони и Мирјана Ристески, кои имале вебсајт наречен unisharenews.com, регистриран под името на Тони и чии линкови се објавувале на Фејсбук страници во поддршка на Доналд Трамп. Друг соработник на Бојковски, според истражувањето, бил Виктор Колевски, на чиј налог на Линкедин стои дека е полициски инспектор. Схенк стапил во контакт со кумановецот, кој му рекол дека повеќе не работи за полицијата.

Последен пат е објавена лажна сторија на 3 јануари 2019 од страна на Јony Smith, „познат двоец на Слаѓан Бојковски“, пишува Схенк. Смит постирал сторија од вебсајтот ludinfo24.com во Фејсбук групата „Judge Jeanine Pirro Fans“ која брои 53 илјади поддржувачи. Една минута подоцна, Ema Brown, го постира истиот линк во групата Deplorables for Trump и следнатта минута Lisa Sanders исто така го објавува во друга група, блиска до австралиска националистичка политичарка, Полин Хенсон. Ема Браун и Лиса Сандерс се исто така налози кои му припаѓаат на Бојковски, тврди Схенк. Ема има слика од пејачката Александра Пријовиќ, а Лиса ја користи Лоба на својата профилна.

Схенк истакнува дека најголем дел од овој бизнис е префрлен на Твитер, бидејќи мерките на Фејсбук за суспензија на лажни профили дава резултати.

Схенк успеал, меѓу другото, со својот софтвер да разоткрие 450 лажни женски Твитер налози кои се појавиле од ноември 2018. Меѓу нив, некои 90 носат име Џесика и успеале да соберат над 33 илјади следачи на социјалната мрежа. Твитер за сега суспендирал само десет од овие лажни налози, вели Схенк.

Белгиецот го исконтактирал Бојковски пред да го објави истражувањето. Кумановецот прво негирал, но потоа рекол дека „сите во Македонија секако тоа го прават“.

Би можело да ве интересира

Хакери влегуваат во сметките на граѓаните, над 5.000 измамнички трансакции за една година во Македонија

Агенти на тајната единица 29155 вршат сајбер напади во земји членки на НАТО и ЕУ

ВИДЕО: Кукла Робот кој предупредува на лажни вести поставена во центарот на Скопје

Катерина Ѓуровски

Загреб: Хакерите ги оставија пациентите без зрачење, а сега се уште бараат откуп за украдените податоци

Горан Наумовски

Руски хакери нападнаа хрватски институции: „Одамна не сме ја посетиле Хрватска“

Предраг Петровиќ

КБЦ Загреб: Не нападнаа хакери, моравме се да исклучиме

Горан Наумовски