Белели: ЕУ нема да биде целосна без земјите од Западен Балкан

Од:

Италија верува дека е време да се погледне кон иднината. Се надевам дека вашата земја ќе ни се приклучи во ЕУ во блиска иднина. Уверени сме дека ЕУ нема да биде целосна без членството на сите земји од Западен Балкан, истаклна денеска амбасадорот на Италија во Македонија Ернесто М. Белели, кој денеска во Собранието ги претстави приоритетите на италијанското претседавање со Унијата.

– Имаме одлична можност затоа што сакаме да се справиме со транзицискиот период на новиот ЕП, новата Комисија и новиот претседател. Затоа потребна ни е визија и ќе дадеме перспектива за земјите – членки. Сакаме да се вратиме на сонот кој го имаа основачите на ЕУ и да покажеме дека ЕУ е нешто повеќе од географија и географски израз. Се надевам дека вашата земја ќе ни се приклучи во блиска иднина, уверени сме дека ЕУ нема да биде целосна без членството на сите земји од Западен Балкан, рече амбасадорот.

Италијанското претседателство, според него, ќе ја олесни улогата на ЕУ, како дел од политиката на проширување.

– Проширувањето за Италија е од стратешки приоритет преку промовирање на мир и демократија во Европа. Ние ќе го поттикнуваме процесот на земјите од Западен Балкан. Ќе се насочиме кон соочувања со глобалните предизвици во медитеранскиот регион, ќе се фолкусираме на потпишување договори со Молдавија и Грузија, и ќе се потрудиме да го обновиме дијалогот со Русија. Ќе се стремиме кон стратешки партнерства за трговија и инвестиции, рече Белели.

Надворешната димензија на миграциската политика, како што истакна, ќе биде еден од клучните приоритети. – Мора да ја спречиме нелегалната миграција со полициска контрола и борбата со ваквите случаи. Италијанското претседателство се стреми кон понатамошен развој на дијалогот со трети земји во поглед на миграциската политика, рече амбасадорот. Претседателството, рече Белели, ќе ја поддржи ЕУ за стратешките партнерства со САД.

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски истакна дека очекува Италија да посвети малку поголемо внимание на земјите од нашиот регион и побара официјален Рим да биде иницијатор за придвижување на прашањето за македонско-грчкиот спор.

Милошоски смета дека случајот со решението за италијанско-словенечкиот проблем на почетокот на деведесетите година може да биде применлив и за Македонија и спорот кој го има со Грција.

– Во 1995 година Италија и Словенија одлучија дека е подобро решавањето на билатералниот спор со бегалците од Истра, со нивните имоти, да се движи паралелно со европскиот напредок на Словенија кон Брисел, изјави Милошоски.

Иако споровите се сосема различни таквото искуство, вели тој, може да биде корисно во грчко-македонскиот спор и Република Македонија и Република Грција паралелно да ги движат двете работи, кои очигледно не можат да се придвижат со блокади, а тоа е Македонија да отпочне преговори за членство со ЕУ со поддршка на сите земји -членки на ЕУ вклучително и Грција и истовремено тоа да му даде нов поттик на дијалогот помеѓу Македонија и Грција околу наметнатиот спор за уставното име, но и да ја зголеми довербата меѓу двете земји.

– Италија како земја основач го има тој капацитет и доколку има политичка волја би можела да се постави како иницијатор на едно вакво придвижување на работите. Доколку тоа биде сериозно обмислено и доколку Италија го постави тоа прашање на масата во Брисел ќе биде успех на италијанското претседателство за придвижување на едно прашање кое над 20 години е замрзнато заради еден ирационален спор, изјави Милошоски. Шпанскиот дипломат Хавиер Солана во 1994 година ја предложил формулата за паралелно движење на италијанско – словенските разговори и истовремено одвивање на разговорите за влез на Словенија во Унијата.

Милошоски рече дека Македонија го разбира принципот на солидарност на земјите-членки во ЕУ, но во секој случај солидарноста не би требало да биде безусловна односно не би требало да се биде со некого кој ги прекршува правилата поставени од ЕУ.

– Пред некој ден имавме можност да слушнеме од грчкиот премиер во Европскиот парламент еден негов дрзок испад, екстремен за европските вредности дека македонскиот јазик не постои и дека е измислен и да не говориме за неговиот став за македонското, албанското,турското и влашкото малцинство во Грција. Доколку на еден политичар од Германија му се случи да каже дека холандскиот јазик не постои, доколку на еден политичар од Шведска му се случи во ЕП дека норвешкиот јазик е измислен, доколку на некој француски премиер му се случи да каже луксембуршкиот јазик е вештачки, тоа веројатно ќе бидат неговите последни зборови во кариерата, рече Милошоски.

Но во овој случај, додаде Милошоски, имаме еден премиер на држава – членка на ЕУ кој со своето однесување не прави ништо добро за промовирање на вредностите на ЕУ. – Со самото тоа го урива и угледот, и кредибилитетот и довербата кон принципот на солидарност на ЕУ, истакна поранешниот министер за надворешни работи Милошоски.

Не е сигурен дека новиот ЕП, како што рече евроамбасадорот Аиво Орав, ќе биде нова шанса за проширувањето, бидејќи, според Милошоски, „огледалото“ на ЕП по последните избори е различно од последниот состав. Зголемувањето на бројот на евроскептиците во Парламентот ќе биде дополнителен предизвик за проширувањето.

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими пред пратениците истакна дека го радува фактот што проширувањето ќе биде на агендата на претседавачите во следните 18 месеци, во трите последователни претседателства, и оти тоа регионот на Западен Балкан ќе го направи поперспективен регион. Посочи на сериозната посветеност на Република Македонија на евроинтеграцискиот пат, на приоритети кои си ги има поставено, но и на предизвиците.

Eкономскиот раст и отворање работни места, справување со нелегалните имигранти, енергетска ефикасност и поголема независност на Унијата се меѓу главните приоритети на италијанското претседавање со Унијата.

Би можело да ве интересира

Кошта: Не ни е потребна Унгарија за да го продолжиме процесот на пристапување на Украина кон ЕУ

Горан Наумовски

Орбан: Пристапувањето на Украина во НАТО би довело до војна Европа и би запалило „буре барут“

(ВИДЕО) Филипче: СДСМ обезбеди македонскиот јазик и идентитет во ЕУ да бидат чисти, признати и без никакви додавки, тоа беа нашите црвени линии

ЕУ ја критикува состојбата во Газа, но нема да го прекине трговскиот договор со Израел

26 од 27 членки на ЕУ ги поддржуваат заклучоците за Украина

Мицкоски: Успеавме да го амортизираме ударот кој што некој од политичарите во Брисел сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет