Општина Сарај ќе ги одбие барањата за легализација на трите платформи на Матка, но сега нема да ги урива. Градоначалникот Блерим Беџети, вели дека ќе чека решенијата да станат правосилни, па дури тогаш ќе размислува за уривање.
„Барањето за легализација на едната платформа, онаа на која функционира ресторан, е веќе одбиено, но барателите поднесоа жалба. За другите две платформи барањата се уште не се одбиени, но нема да ги одобриме. Сите имаат право на жалба до второстепената комисија и за уривање мора да чекаме да заврши целосната правна процедура. Нашата идеја беше ако има простор правно да се најде целисходно решение за Матка, во кое и платформите би функционирале како урбана опрема“, рече градоначалникот Блерим Беџети.
Легализација на новата платформа побарал Исмаил Саиди, а барање за легализација на платформата на која веќе се изнајмуваат чамци, поднел Амет Саиди. Одбиеното барање е од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. За да ги испочитува сите процедури пред да се одлучи на уривање, Беџети рече дека може да поминат и месеци.
Според Беџети многу е побитен концептот за Матка, отколку да се носат избрзани одлуки без да се почитуваат процедурите. Тој извести дека одбиеното барање за легализација на платформата на Матка го поднела Федерација на планинарски спортови на Македонија.
Градоначалникот Беџети тврди дека во Матка се вплеткани различни интереси, но не сакаше да каже чии. Нагласи дека имал интензивни состаноци со Град Скопје, со Инспекцискиот совет и со Државниот градежен инспекторат.
„Јас прв им укажав на институциите дека на Матка има не една туку три платформи, од кои дел се од поодамна и ги имаме како наследена состојба“ рече Беџети.
Според него, проблемот со Матка го актуелизирале инспектори од Град Скопје, кои без да ја известат општина Сарај, направиле увид на Матка и констатирале дека платформите се бесправни.
Истовремено со увидот, неофицијално Беџети вели дека имал разговори со градоначалникот на Скопје за формирање јавно претпријатие, кое што ќе се грижи за Матка, а градоначалникот Шилегов му соопштил дека и без согласност од Општината, град Скопје сепак ќе го формира претпријатието.
На разговорите Беџети пред сите надлежни институции нагласил дека треба да се води сметка за развојот на Матка, каде што доаѓаат многу странски туристи. Укажал дека барал да им се даде касарната од СФРЈ и да се уреди паркинг оти без паркинг не може да се уредува Матка. Сепак, како што рече, сите преговори биле неофицијални и останале без решение.
Беџети вели дека за Матка се воделе разговори и со претходната власт. Проблемот со Матка бил и на владина седница уште во времето на Никола Груевски. И тогаш се разговарало за донесување закон за Матка со кој ќе се стави ред во градењето во кањонот.
Министерството за житвотна средина минатата недела информираше дека законот за Матка е веќе изготвен, дека завршено е и зонирањето, кое треба да покаже во кој дел ќе може да се гради и што да се гради, како и дека законот е пред усвојување. Од Министерството не одговорија на прашањето од „А1он“, во кои ќе биде дозволено да се гради на Матка и што ќе може да се гради во заштитеното подрачје.
Маја Илиевска-Пачемска