Министерот за правда Блерим Беџети во врска со иницијативата на Здружението на новинарите на Македонија за ослободување од гонење на новинарот Томислав Кежаровски, вели дека додека случајот е во судска постапка би било преседан да се ослободи обвинетиот од гонење.
– Во Министерство за правда сериозно ја разгледуваме иницијативата, но внимателни сме да не придонесеме сите заедно да се случи еден преседан, додека е во судска постапка да се постапи по такво нешто, изјави Беџети одговарајќи на новинарско прашање пред промоцијата на Збирката на пресуди на Европскиот суд за човекови права, по членот 10 – слобода на изразување.
Случајот Кежаровски, како што истакна министерот, веќе е во судска постапка, а не е во истражна постапка или во рана фаза и затоа сме претпазливи.
На новинарот, како што рече Беџети, не му се суди за слобода на изразување, туку за друг почуствителен предмет. – За конечен одговор деновиве ќе информираме од Министерството за правда, додаде министерот.
Судскиот процес за случајот „Ликвидација“, каде меѓу обвинетите е и новинарот Кежаровски денеска продолжи во скопскиот Кривичен суд. На рочиштето беа презентирани докази обезбедени со примена на посебни истражни мерки.