Точно 3 години, 1 месец и 1 ден од поднесувањето на обвинението од СЈО за шлаканиците од Општина Центар во 2016 година, судењето за предметот „Насилство пред Општина Центар“ популарно наречен „шамарите во Центар“ повторно почна од почеток поради истек на повеќе од 90 дена од претходното рочиште.
Судијата кој го води случајот, Душан Јосифов, закажува по едно до две рочишта месечно, што со ваква динамика на судење значи дека предметот не може да се очекува ниту годинава да заврши, иако станува збор за обвинение кое треба да се суди во скратена постапка.
Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот од судењето побара на поранешниот премиер, Никола Груевски, да му се суди во отсуство, бидејќи 11 месеци е во Унгарија и е недостапен на органите на прогонот.
„Не е извесно дали и кога Никола Груевски би бил достапен за да му се суди во негово присуство“, рече Фетаи.
Адвокатот на обвинетиот Никола Груевски, Димитар Дангов, рече дека бара предметот да почне од почеток, за како што рече, не за да се одложи судењето, туку за да заврши побрзо. Тој побара ден за да дојдат во судот и да ги видат предложените докази и да се одлучи за нивните приговори што од доказите ќе биде прифатено.
Минатото рочиште беше одложено бидејќи предметот беше земен на увид во Судскиот совет.
Обвинети во овој случај се експремиерот и бегалец, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, и уште осум лица.
Вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013 година, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни, а за Димче Крстев се водеше раздвоена постапка.
Обвинетите во предметот се товарат за дека го поттикнале насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.