Караванот на „Кризниот штаб против референдумот“ вчера во рамките на кампањата „Македонија-бојкотира“ одржа повеќе средби и собири во општините Ранковце, Младо Нагоричане и Куманово. На собирот се зборуваше за значењето на референдумот.
Координаторот на Кризниот штаб против референдумот Драган Угриновски ги повика граѓаните да не се плашат од заканите и притисоците на власта, акцентирајќи ја одговорноста на сите во овие историски моменти, како како што кажа, да ја одбраниме државата и македонскиот народ од сите оние што сакаат да не избришат како Македонци.
„Како официр кој целиот работен век го помина во Армијата, сакам силно да ве уверам дека сплотени и здружени како Македонци овојпат ќе успееме да ја одбраниме Татковината од сите обиди за рушење на Македонија и Македонците. Секој ден сме низ Македонија и сакам да ви ја пренесам пораката од народот дека е цврсто решен да го одбраниме името и идентитетот. Ве уверувам дека Македонија ќе победи, Македонија на Македонците“ – истакна меѓудругото Угриновски.
Лидерот на Единствена Македонија Јанко Бачев кој е дел од „Кризниот штаб против референдумот“ составен од повеќе од 70 организации повика на бојкот и неизлегување на референдумот и на тој начин на 30 септември да се сочува македонска Македонија.
„Одлуката референдумот да не успее мора да ја донесеме сите заедно, затоа што се работи за нашата заедничка татковина, за нашата иднина. Не им верувајте на популистичките лаги на власта дека чекаат милијарди евра од ЕУ да дојдат во Македонија, бесплатно здравство и образование за Македонците во земјите членки на ЕУ. Не и верувајте на марионетската власт во Скопје оти животот дојде само за врхушката на власт и за нивните бизниси и тие сакаат членство во НАТО оти НАТО им го гарантира украденото на сите оние што извршија грабеж на народот. НАТО не го интересира грабежот, туку само сака послушни политичари кои ќе му служат верно. Голема е одговорноста на оваа генерација Македонци, нашите претци не успеале во 1913 кога Македонија била поделена, да не дозволиме и за нас после 100 години да пишува во книгите дека и ние не сме успеале. Убеден сум дека народот ќе донесе историска одлука за бојкот и неизлегување на референдумот. Затоа, сите заедно на нозе се креваме да спречиме да се избрише се што е македонско. Нашата борба е исправна, ова не е битка за поединци, лидери или за власт, ние се бориме македонците да не бидат избришани од светската мапа на нации, се бориме за опстанок на цел еден народ, нашата борба е света должност и затоа Македонија ќе победи“ – рече меѓудругото Бачев.