Автобусот на „Беса транс“ за кој институциите кажаа дека не е лиценциран за да превезува патници, 135 пати ја напуштал и влегувал на територијата на Македонија, дознава „А1он“. Според информациите до кои дојдовме, првпат, автобусот е регистриран во октомври минатата година.
„Евидентирано е дека во 2020 година истиот автобус во 22 случаи има остварено влез – излез од државата, додека во 2021 година има остварено 113 преминувања на државната граница. Ве известуваме дека предметниот автобус со регистарска ознака SK 0284 BA за прв пат е регистриран во Скопје на 15.10.2020 година во сопственост на БЕСА ТРАНС БТБ ДООЕЛ“, потврдуваат од МВР за „А1он“
За една година, автобусот во кој се случи трагедијата е евидентиран дека поминувал на четири гранични премини.
„Во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници“, е информацијата од Царина.
Инаку, без изводот од лиценца, автобусот не смеел да има можност да ја напушти државната граница и да врши превоз на патници. Според последните информации од Министерството за транспорт и врски, автобусот користел лиценца од друго возило, кое исто така било сопственост на „Беса транс“ која била приложувана на царниците.