На социјалните мрежи одекна пост кој вели „дај кажете му на СДСМ дека каматите на долговите на блокираните граѓани сосе извршителите се 340 отсто… Сето друго е реторика“. Ова е пластично објаснување на случаите што се обелоденија во јавноста кога долг од 1 денар стигнува до 12.000 денари, 3 денари до 14.000 денари, како и блокираната сметка на граѓанин од долг за неплатен билет од 35 денари, кој со извршување чини 9.000 денари.
Не стивнуваат реакциите и обидите на медиумите да ги предочат проблемите со кои се соочуваат блокираните граѓани, а претставниците на Комората на извршителите стојат на ставот дека постапуваат според Законот за извршувањето. Тие не ги коментираат случаите на некои свои колеги, каде што грубо е прекршен Законот за извршувањето, некои од тие предмети завршија и кај народниот правобранител, а тој за ова неодмана нè информира во годишниот извештај. Извршителите креваат раменици пред сумите што ги билдаат долговите бидејќи велат дека сè е според законот, а за извршителските дејства и тие самите имаат трошоци. Конкретно, велат дека за да добијат информации од банката за должникот дали тој е веќе блокиран од друг извршител, тие на банката ѝ плаќаат 500 денари.
Повиканите институции до кои граѓанските здруженија што се обединија за овој проблем и посочуваат извесни решенија молчат и се чини немаат слух да најдат решение.
Наши извори во ресорните министерства велат дека за проблемот се зборува срамежливо, а апсурдните извршителски налози тивко се коментираат. Моментно нема никаква политичка волја за да се направат потребните законски измени.
Заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, во гостувањето на „Макфакс“ спомна дека треба да се направат корекции во Законот за облигацијата, а за актуелниот Закон за извршувањето рече дека е меѓу најдобрите во Европа.
Префрлувањето на одговорноста меѓу ресорите на Министерството за правда, па на финасии, па на труд и социјална политика и другите повикани, како Народната банка на Република Македонија, Управта за јавни приходи, и натаму го остава отворено прашањето од каде и како да се повлече конецот за можно решение.
Граѓанските здруженија, кои тврдат дека архивираат голем број случаи на обесправени граѓани и кои исто така на последната прес конференција ги повикаа институциите и Владата да ги деблокираат сметките на граѓаните со наменски бескаматен кредит, на 1 мај најавуваат масовни протести.
Имено, тие ќе се приклучат на првомајскиот работнички марш, кои меѓу другите го организираат и Независниот синдикат за образование и наука, Независниот синдикат на полицијата, Конфедерација на синдикалните организации на Македонија, Независниот синдикат на професионалните работници на Македонија.
Со оглед на тоа што проблемот со блокираните сметки и масовното осиромашување на граѓаните го отвори прашањето за севкупната социјална политика во државата, грижата и процената кога се донесуваат закони, потоа функционирањето на селективната правда, очигледно во можните решенија ќе треба да се приклучат повеќе повикани страни.
И додека се најавуваат протестите, од здруженијата на граѓани велат дека нивните истражувања и анализи покажуваат дека иако има јасни индиции за криминал меѓу извршителите, односно за неколкумина од нив, за нив нема никакви санкции.
Според нив, протестите ќе продолжат конечно до сослушување на нивните барања и очекуваат да бидат масовно поддржани од сите граѓани.
Виктор Јованов