Минимално присуство на теми на телевизиите кои можат да бидат третирани од родов аспект во дневно-инфомативните програми, како и минимален процент на користење родово сензитивен и родово афирмативен пристап во поглед на еднаквоста на мажите и жените, покажуваат резултатите од анализата на прилози во вести спроведена од Институтот за општествени и хуманитарни науки – Скопје за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми што денеска беше презентирана во Агенцијата.
Со анализата е опфатен примерок на седум изданија на вести во периодот од август до септември 2017 година од седум национални телевизии што се емитуваат преку дигитален терестријален мултиплекс. (МРТ1 и МРТ2 на албански јазик, од Јавниот сервис и ТВ Алсат-М, ТВ Канал 5, ТВ Алфа, ТВ Сител и ТВ Телма од комерцијалниот сектор), а бројките говорат дека во принцип телевизиските куќи одвојуваат исклучително мал простор за теми кои се сметаат важни за родовите прашања, односно за темите кои се дел од стратешките области утврдени во Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020.
– Од вкупно 973 прилози само 28 се однесуваат на стратешките области важни за родова рамноправност или теми што се важни за родовите прашања, но и тие главно не се обработувани од родов аспект, односно бележат родово неутрален пристап. Кај најголемиот дел од ТВ станиците целосно отсуствува родово сензитивен пристап при обработување на содржините важни за родова рамноправност, вели една од авторките на анлизата Викторија Боровска.
Во анализираните прилози, имало 18 изјави од мажи и само пет од жени, при тоа жените се јавуваат почесто во улога на новинарки што ги подготвуваат прилозите, додека мажите се појавуваат почесто во улога на уредници (37 од вестите се уредувани од мажи, а 30 од жени)
Препораката од анализата е употреба на проактивен однос и вклученост на телевизиите во афирмирање на вредностите на еднаквост меѓу мажите и жените, односно воведување теми кои ги засегаат прашањата на еднаква родова застапеност во структурите на одлучување, во општествената и политичката сфера, теми кои се од интерес за еднаквоста меѓу родовите, зголемено присуство на жени во својство на стручни и политички авторитети како соговорнички и користење на родовата перспектива при обработка на теми кои можат да бидат третирани од родов аспект и кои овозможуваат родово афирмативен пристап.
Презентирана беше и анализа за прикажувањето на мажите и жените во рекламите при што во примерок од 29 рекламни спотови, е утврдено дека двата пола се речиси еднакво прикажани (52%жени, 48 %мажи), но мажите предничат како наратори. Само во две реклами актерите и актерките биле прикажани како сексуални објекти. Забележана е и генерациска дискриминација, односно отсуство на лица постари од 45 години, како и на помалку атрактивни лица.
Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски изјави дека анализите се преведени на албански и англиски јазик, а на крајот од месецот ќе излезе и публикација. Тие ќе бидат упатени и до Собранието на РМ, каде очекува да бидат тема за дебати.
Популаризација на родовите прашања и подигање на свеста за нив е и целта на ТВ кампањата изработена на барање на АВМУ по распишан тендер од страна на маркетинг агенцијата Идеја плус под мото „Сексизмот понижува“. Содржи три спота – два за ТВ и еден за радио емитување кои денеска ќе им бидат дистрибуирани на радиодифузерите, за бесплатно емитување, со оглед дека се работи за кампања од јавен интерес.
Ова е шесто истражување на АВМУ во континуитет од 2012 година за присуството и претставувањето на родовите во програмите на националните телевизии.