Во рамки на заложбите за поттикнување активности кај радиодифузерите, за да ги направат програмите достапни за лицата со оштетен вид и слух, денес Агенцијата одржа работен состанок со претставници на националните телевизиски сервиси. Целта на состанокот беше да се разгледаат начините и можностите, како радиодифузерите да ги прилагодат своите програми за лицата со сетилна попреченост, и да се прикажат придобивките што телевизиите можат да ги добијат од ваквиот процес.
Пред присутните беше презентирана брошурата „Како да се обезбедат информации за лицата со сетилна попреченост – Пристап, услуги, програми, материјали и алтернативни формати“, која Агенцијата ја подготви и испечати на македонски, албански и англиски јазик. Во брошурата се посочени потребите, идеите и согледувањата на слепите и лицата со оштетен вид, како и на глувите и наглувите лица во Република Македонија. Преку графикони и слики, на популарен начин е објаснето и како во зависност од видот на попреченоста – слух, вид, физичка или умствена, медиумите да обезбедат полесна комуникација преку употреба на видеа со титлување, отворени или затворени текстуални описи, гестов говор или аудио описи.
Овие средства за комуникација со лицата со попреченост се опфатени и во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, која на денешен ден во 2006-та година, беше усвоена во Обединетите нации. Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, ги обврзува потписниците вклучувајќи ја и Македонија, да комуницираат со лицата со употреба на комуникација по нивни избор, вклучувајќи „олеснување на употребата на знаковни јазици, брајово писмо, аугментативна и алтернативна комуникација, и сите други достапни средства, начини и формати за комуникација, од страна на лицата со попреченост во официјалните интеракции, по нивни избор“.
Оваа недела се одбележуват и 70 години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации. Фундаменталните постулати на кои се заснова Универзалната декларација за човековите права, укажуваат на фактот дека слободите и прaвата се дадени за сите, секаде во светот, во секое време и место. Во оваа насока, Агенцијата и понатаму останува посветена кон поттикнување на радиодифузерите за остранување на бариерите кои ги спречуваат лицата со сетилна попреченост да пристапуваат до информациите и да ги користат аудиовизуелните услуги кои се достапни за повеќето граѓани во Македонија, и воедно ги повикува радиодифузерите самоиницијативно да се вклучат во овој процес.