Основното јавно обвинителство и Комисијата за заштита од дискриминација не ги преземаат потребните активности откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ќе констатира говор на омраза во некој медиум и при тоа ќе изготви извештај што е доставен до тие тела, е заклучокот од денешната конференција на тема „Говорот на омраза во медиумите“, каде беше промовирана публикацијата „Регулаторни тела за медиумите и говорот на омраза“.
Емилија Петреска-Камењарова од АВМУ посочи дека регулаторното тело во текот на изминатиот период ги презело сите потребни активности во однос на говорот на омраза во медиумите, но, како што посочи, не биле преземени потребните дејствија, па дури и Агенцијата не добивала повратен одговор. Само за еден случај во тек на предизборна кампања на претставка од Агенцијата Основното јавно обвинителство одговорило дека станува збор за „собирање на потребни политички поени“.
– Сакаме да покажеме дека ние не сме „нем сведок“ во поглед на говорот на омраза, истакна Петреска -Камењарова.
Таа посочи дека врвот на оневозможување на Агенцијата да дејствува во случаи на говор на омраза во медиумите бил кога во законот во 2014 година едноставно исчезнале мерките, како забрана за рекламирање.
– Не постои никаква потпишана глоба за да можеме да успееме во некоја прекршочна постапка кога некој ќе емитува говор на омраза, нагласи Петреска-Камењарова
Директорот на АВМУ Зоран Трајчески посочи дека самиот овој настан што денеска е организиран од страна на Европската комија и Советот на Европа покажува дека Агенцијата си ја врши својата улога во општеството.
Публикацијата што беше промовирана на денешната конференција е изработена од претставници на регулаторните тела од Македонија, Косово, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Станислав Бендер од Агенцијата за електронски медиуми на Хрватска посочи дека во публикацијата се наведени случаи на говор на омраза во медиумите од регионот.
– Целта на денешниот настан беше да се разменат лошите искуства за говор на омраза во медиумите, како и да се разменат мислења на кој начин во иднина тоа да се регулира, наведе Бендер.