Арсовска од здравствени причини не е на седницата на Советот на Скопје, советниците прашуваат кој одлучи за огласот за јавниот превоз

Од:

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска не е на денешната седница на Советот на Скопје, на која, по предлог од советниците од СДСМ, се расправа и за состојбите во јавниот превоз. Претседавачот на Советот Трајко Савески на почетокот на седницата извести дека градоначалничката вчера го информирала дека нема да присуствува на седницата.

„Вчера со порака госпоѓата градоначалник ме извести дека, за жал, не може да присуствува на денешната седница од здравствени причини. Ѝ посакуваме брзо закрепнување“, рече претседавачот Славески.

Градоначалничката не дојде, па советниците од неа не можат да добијат објаснување за состојбите во јавниот превоз, а не добиле, иако побарале, информација за состојбата во ЈСП, но и покрај тоа дополнителна точка за јавниот превоз беше додадена на дневен ред и за неа има дискусија.

„Баравме ваква точка за да не се доведеме во ситуација како советници од медиумите да дознаваме за одлуки кои се однесуваат за јавниот градски превоз, иако и медиумите не се удостоени со информации. Сакаме да добиеме информација од прва рака дали има или нема долг, од ЈСП велат има, Градот вели нема долг. Раскинат е договорот со приватниците, но тоа не значи дека нема долг доколку постои долгот. Се пушти јавен повик, од медиумите дознавме, но сакаме да знаеме кој одлучи да биде само за две линии, зошто баш тие се приоритетни, како ќе се контролираат, како е се фактурира кон нив, сега има една фактура, дали ќе треба нови вработени за да се прават по 50 месечно“, рече советничката Љубица Јанчева.

Посебен акцент советничката Јанчева стави на прашањето дали со сегашната организација на јавниот градски превоз се почитува одлуката за јавен превоз изгласана во 2015 година, која претрпела и неколку измени, но се уште е на сила.

„Со одлуката што сме ја гласале дневно треба да сообраќаат 300 автобуси, како што е изгласано. Ниту ние ниту медиумите имаме информации дали ова се почитува. Ако сакаме да го штитиме дигнитетот на Советот, ќе го чуваме доколку се почитуваат одлуките што ги донел Советот“, рече советничката Јанчева.

Секретарот на Градот, Зоран Глигоров пред советниците се обиде да го оправда ЈСП од каде не изготвиле информација оти имале кусо време.

„Во врска со ова барање за работењето на ЈСП во ова претпријатие се прави ревизија од страна на Градот. Ќе се изврши контрола на сметките, евиденцијата на средствата, побарувањата и наплатата на побарувањата, а потоа ќе биде подготвена во форма на информација и ќе биде споделена во соодветна форма. Се работи за прецизни податоци и тие треба да бидат утврдени на соодветен начин. Да не зборуваме за паушални изјави и бројки, да ја почекаме ревизијата и веднаш да биде изготвена  информација со вистинити состојби и факти, по соодветни правила на игра“, рече секретарот Глигоров.

Советниците му објаснија дека ревизиите не се надлежност на Советот на Скопје и нагласија дека бараат податоци дали и колку се почитуваат одлуките донесени од Советот на Скопје и инсистираат таква информација да биде доставена до сите советници.

Со 22 гласа „за“ ги задолжија градоначалничката и ЈСП во рок од седум дена до Советот на Скопје да достават информација за актуелната состојба во јавниот градски превоз, состојбата  во ЈСП и начинот на организација на превозот.

Би можело да ве интересира

Арсовска: Нема да поминат заканите за тужба, да се одговори кога е осигуран објектот на Универзална сала

Костадиновска Стојчевска ќе ја тужи Арсовска за клевета за пожарот во Универзална

Орце Костов

Арсовска: Зошто Костадиновска-Стојчевска не го пријавила пожарот ако знаела за него пред девет часот

Орце Костов

Се чекаат кандидатите за пратеници на Данела Арсовска: На изборите ќе се гласа за пет коалиции и две партии

Орце Костов

Арсовска постави нов директор на Водовод и канализација

Пријави за Арсовска и за повеќе општини на седницата на ДКСК