Арсеновиот столб на вистината промовиран во Гевгелија

Од:

Граѓанската иницијатива „АРСЕНА“ во соработка со грант партнерот „Центарот за современи уметности“ од Скопје, вчера попладне во Гевгелија го промовираше „Арсеновиот столб на вистината“.
Истиот претставува своевиден столб на срамот со прикажаните резултати од извршените анализи на примерок вода од гевгелискиот водовод во кој се детектирани енормни количини на отровниот елемент арсен и тоа од 14,56 микрограми на еден литар вода во 2013 до 21,3 микрограми арсен во април 2016 година.

– „Зачудува фактот што никој од надлежните, ниту општината, ниту комуналното претпријатие не се загрижило за решавање на проблемот со квалитетното водоснабдување, ниту пак се запрашале колку чини лечењето на канцерогените заболувања кои ги причинува арсенот, наместо вложувањето во решение за спас од арсенот“, изјави Никола Писарев од Центарот за современи уметности од Скопје.

Портпаролот на „АРСЕНА“ Јованка Дојранлиева посочи дека резултатите од анализите на вода покажуваат дека „арсенот е се’ уште присутен меѓу нас“. Таа истакна дека јавното комунално претпријатие не ја почитувало забраната за употреба на токсичната вода изречена од Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ со тоа што продолжила истата количина на експлоатација на вода од бунарите кај Моин. Во 2012 кога е изречена забраната за употреба на водата од бунарското подрачје Моин, производното ниво е два милиони метри кубни вода, а во 2015 изнесува 2,35 милиони метри кубни. Ако експлотационите количини на вода се растечки, значи дека мерката за забрана за употреба на водата од бунарското подрачје Моин ЈПКД „Комуналец“ не ја почитува. Присуството пак на арсенот во извршените анализи покажува дека комуналното претпријатие не обезбедило нови извори за водоснабдување на граѓаните, ниту пак набавило деарсенификатор за вода, според препораките на специјалистот по хигиена од Институтот за јавно здравје на РМ.

Презентацијата на „Арсеновиот столб на вистината“ се одржа на градскиот плоштад „Маршал Тито“ во центарот на Гевгелија каде беше посетен од многу љубопитни граѓани. Некои реагираа бурно сакајќи веднаш одговорност од властите и граѓанска недисциплина во плаќањето на сметките за вода.

– „Треба да ја плаќаме како техничка вода, зошто можеме да ја користиме само како техничка вода, а не да плаќаме по 20 денари за кубик, со се’ сите додатоци и паушали“, се пожали жител на Гевгелија.

– „Треба масовно да се излезе на протести и да се бара надлежните да спроведат решение. Ова не само што е неодговорно, туку и крајно загрижувачки“, се побуни друг жител на Гевгелија.

Арсеновиот столб на вистината е дел од проектот „Граѓаните и АРСЕНА до здрава вода за пиење за Гевгелија и населените места“ во мерките за информирање на граѓаните заради нивна самозаштита, но и потсетување на надлежните дека не ги извршиле своите законски обврски, а тоа е снабдување на жителите од општина Гевгелија со чиста вода а пиење. Помагатели на проектот се УАСИД и ФООМ.

Забраната за употреба на водата од бунарското подрачје кај Моин е изречена од септември 2012 година и веќе три години и девет месеци Општината и „Комуналец“ упорно ја игнорираат како непостоечка, без да превземат мерки за здравствена безбедност на граѓаните од отровниот арсен во водата.

Од АРСЕНА најавија постапка пред Управен суд на РМ против Ценовникот за вода на ЈПКД „Комуналец“ според кој водата загадена со отровниот елемент арсен се наплаќа како чиста вода.

Би можело да ве интересира

АРСЕНА го одбележа Меѓународниот ден за семејството со барање за чиста вода

Наум Локоски

Герила акција: Нови бунари на Вардар

Емир Латифовиќ

Жителите на Моин: Зошто да го плаќаме отровниот арсен во водата

„Арсена“ промовира документарец за отровот во гевгелиската вода

Емир Латифовиќ

Арсенова лимонада поделена на ГП „Богородица“

Емир Латифовиќ

Институтот за јавно здравје на РМ ги затвори вратите за гевгелискиот арсен

Емир Латифовиќ