Армијата за 230 милиони евра ќе се опреми со осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“

Од:

Осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо хеликоптерс“ ќе бидат набавени за потребите на Армијата на Република Северна Македонија. Вредноста на леталата ќе изнесува 230 милиони евра, а ќе се плаќа сукцесивно на четири рати. Првата ќе биде исплатена оваа година и е во износ од 16 проценти од вкупната вредност на набавката.

Како што информира на денешниот брифинг министерката за одбрана Славјанка Петревска, изборот е направен во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2023-2032 година и плановите на Армијата за обновување на воздухопловната компонента.

Таа потенцира дека постапката за изборот на компанијата е започната по оглас објавен во 2019 година за што е формиран интегриран проектен тим составен од експерти во Министерството за одбрана и Армијата. Спроведена е фаза на истражување на пазарот за што биле реализирани бројни работни состаноци и посети на компаниите кандидати за набавка на новите хеликоптери во чии рамки биле извршени и демонстративни летови со потенцијалните нови хеликоптери.

По прибирање на сите податоци извршена била сеопфатна и објективна анализа на понудените платформи преку различни аналитички матрици. Критериумите според кои се вршени анализите, како што беше истакнато на брифингот, биле во однос на цената на набавката, техничкото одржување и техничката поддршка, достапност на резервни делови, животниот век на леталата и нивната модуларност и интероперабилност со НАТО-членките.

-Во фазата на истражување на пазарот и споредба на алтернативите интегрираниот проектен тим одлучи да препорача да се пристапи кон набавка на хеликоптери од компанијата „Леонардо хеликоптерс“, изјави Петровска.

Таа потенцира дека во пакетот на набавката влегува и обука на пилотски и технички персонал, како и достапност за симулатори за обука, а ќе биде обезбеден и хангар во кој ќе бидат сместени новите хеликоптерите.

На конкурсот за избор на компанија пристигнале четири понуди и тоа покрај „Леонардо хеликоптерс“ и понуди од германско-француски конзорциум, компанија од САД и од Канада.

Првиот хеликоптер ќе пристигне во втората половина на 2026 година, а целата испорака ќе биде извршена заклучно со 2028 година.

Договорот за набавка на хеликоптерите ќе биде склучен утре, а ќе го потпишат министерката Петровска и амбасадорот на Италија во името на владите на двете земји. До крајот на месецов ќе биде потпишан и договорот со компанијата „Леонардо хеликоптерс“.

Би можело да ве интересира

Отворен ден на АРМ по повод годишнина од членството на Македонија во НАТО

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Власта да ја стопира набавката од 250 милиони евра за транспортни хеликоптери во изборен период

Отворен ден на Армијата по повод четири години од членството во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата

Објавен jавен оглас за прием на 300 нови професионални војници во Армијата

Нови 150 професионални војници во редовите Армијата добија договори

Хеликоптер на АРМ принудно слетал во реонот на селата Средно и Долно Коњаре, нема оштетувања