Македонската радио телевизија не ги емитува снимките од разговорите меѓу функцинери на ВМРО-ДПМНЕ и откако во пријавницата на јавениот сервис лидерот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, достави ЦД со овие записи.
Придружуван од своите следбеници, Ангелов вчера побара од раководството на МРТ да ги објави снимените разговори кои сведочат за прекршување на изборните закони од страна на власта со цел граѓаните сами да одлучат дали се веродостојни. Извршниот директор на МРТ, Марјан Цветковски денеска вели дека уредувачката политика на телевизијата не може да се управува според барањата на седумдесетина граѓани кои, вели тој, имаат свои цели.
– Македонија има два милиони луѓе, не можеме да се водиме и да креираме политика според барањата на стотина. МРТ е пресериозна институција да се поведува од 70 луѓе кои имаат различни цели. Јас не се мешам во уредувачката политика само именувам уредници кои ме известуваат дека максимално професионално известуваат. На дневна основа ги контактирам и ме информираат дека ги пренесуваат сите прес конференции на опозицијата – вели Цветковски за А1он.
Што се однесува до содржината на снимените разговори, каде министри се мешаат во работата на МРТ и одлучуваат дали „непослушните“ новинари ќе „летаат“ од работа, Цветковски вели дека функционери од владејачката партија од него никогаш не побарале прилог по нарачка.
– Не можам да го коментирам тоа, не се однесува на мојата работа, а за работата на уредниците прашајте ги нив – вели извршниот директор на јавниот сервис.
МРТ е финансирана од граѓаните преку месечните сметки за радиодифузна такса. Некоректното известување на јавниот сервис до сега беше нотирано во извештајот на Европската комисија за напредок на Македонија, а во извештајот на ОБСЕ и ОДИХР и се забележува за небалансирано известување и за пристрасност кон ВМРО-ДПМНЕ.
Синоќешниот протестен акт на Стојанче Ангелов е втор пат граѓани да изразат револт кон раководството на МРТ откако иницијативата „АЈДЕ“ на 28-ми февруари одржа перформанс на булеварот пред телевизиската куќа со барање да се ослободи од политичко влијание. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, побара оставка од раководството на МРТ на последната јавна трибина во Универзална сала.
Маја Васева