Архимандрит Григориј ќе биде хиротонисан за епископ сарандопорски

Од:

Во Соборниот храм „Св. Николај Чудотворец“ во Куманово денеска, на празникот посветен на архангел Гаврил, ќе биде хиротонисан новиот епископ на МПЦ-ОА, архимандрит Григориј, игуменот на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.

Од 8:30 часот ќе биде отслужена празнична Божествена литургија, на која Григориј ќе биде хиротонисан и устоличен за епископ антаниски сарандопорски. Ќе присуствуваат архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и архијереите на МПЦ-ОА. Се очекуваат и бројни верници поради што од црквата апелираат на совесно придржување до сите пропишани мерки за здравствена заштита.

Во Осоговскиот манастир вчера беше извршено наречението за епископ на архимандрит Григориј.

Синодот на МПЦ-ОА на 21 мај годинава го избра отец Григориј, игуменот на „Свети Јоаким Осоговски“, за епископ сарандополски. Тој ќе го наследи митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф, кој беше ослободен од митрополиската должност од здравствени причини.

Светиот архијерејски синод на истата седница го избра и игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ архимандрит Партениј за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија со титула антаниски. Наречението за новиот епископ Партениј беше одржано на 11 јули во Бигорскиот манастир, а хиротонијата ден подоцна на празникот на светите апостоли Петар и Павле во храмот „Света Софија“ во Охрид.

Архимандрит д-р Григориј (Настески) е роден на 16 јануари 1978 година во Прилеп. Основното и средното образование го завршил во родниот град. Дипломирал на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола на Факултетот за индустриски менаџмент во 2001 година и истата година се запишал на постдипломски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” на Институтот за политичко–правни истражувања во Скопје, каде што и магистрирал во 2003 година. Истата 2003 година пријавил докторат, каде што и докторирал на менаџмент во 2006 година.

Богословското образование го започнал на Богословскиот факултет, на Универзитетот „Св. Климент Охридски” ‒ во Софија, Р. Бугарија, во 2004 година, на Катедрата за систематско богословие. По завршувањето на постдипломските студии, пријавил втор докторат во 2008 година, а докторирал во 2012 година со одбраната на темата: „Христолошки и сотириолошки аспекти во евхаристиската реинтеграција на личноста”.

Монашкиот подвиг го започнал во Струмичката епархија на Македонската православна црква во 2003 година, кога ставил метанија за искушеник во манастирот на свети Леонтиј во Водоча. Во истиот манастир произведен е за ипоѓакон во 2004 година, каде што е и замонашен на 27 ноември 2005 година. Во јероѓаконски чин е ракоположен на 14 јануари 2006 година. На 10 февруари 2006 година, ракоположен е за јеромонах. На 7 август 2015 година е произведен за игумен на манастирот на свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка. Во 2016 година САС на МПЦ го избира за архимандрит.

Автор е на делото „Автокефалноста на Македонската православна црква” и на книгата „Благобитие – Христолошко устројство на човечката личност“, која всушност е и неговиот втор докторат од областа на теологијата.

Би можело да ве интересира

Владиката Тимотеј за рускиот свештеник: Ние немаме информации дека бил шпион

Орце Костов

„Работи во Софија, а патува до Скопје за да внесе раскол во МПЦ“: Кој е рускиот свештеник Змеев кој доби забрана за влез во Македонија

Орце Костов

Расчинет свештеник крстел и венчавал со „благослов“ од г.г. Стефан: Венчаните се невенчани, крстените некрстени

Орце Костов

(ВИДЕО) Академик Ќулавкова: Се загрозуваат правата на жената

Горан Наумовски

Г.г Стефан: Собрани сме да им кажеме ДА на животот и на светоста на семејството оформено од еден маж и една жена

(ВИДЕО) Поглаварот Стефан: Жената ја изедначуваат со мажи кои никогаш нема да бидат жени

Горан Наумовски